Авион „eрбас СЕ А350“ на „Џапан ерлајнс“ (Japan Airlines Co.) се запали на аеродромот Ханеда во Токио откако на пистата се судрил со помал авион, при што сите во него имале можност да избегаат пред трупот на леталото да биде целосно уништен од огнот.
379-те патници и членови на екипажот во патничкиот авион А350-900 се безбедно евакуирани, изјави портпаролот на авиокомпанијата. Пет од шест членови на екипажот на авионот на јапонската крајбрежна стража што се судри со поголемиот авион се водат како исчезнати, додека еден преживеал, соопшти НХК (NHK).
Според најновите информации, сега и официјално е потврдено дека петмината се починати.
Снимката од пистата направена од зградата на аеродромот Ханеда покажува дека авионот „ербас“ се приближува со поголема брзина, а потоа се судри со другото летало пред да се излизга со трага од пламен. По ова се гледа како авионот е навален нанапред со уништена опрема за слетување, додека пламен ги зафаќа неговите прозорци и чад се извива над трупот, при што противпожарните служби се борат со огнот. Подоцнежните снимки покажаа дека целото летало е зафатено од огромен пожар.
Летот ЏЛ516, изведен со две години стариот авион ербас А350-900, тргнал од аеродромот Њу Читоз во близина на Сапоро во 16:27 часот по локално време и слетал во 17:47 часот, според „флајт радар“ (FlightRadar24).
„Ербас“ соопшти дека е во контакт со авиокомпанијата, но засега нема дополнителни информации.
Напредниот А350 е водечки авион од „Ербас“ кој стапи во употреба во 2015 година, опремен со економични „ролс ројс трент“ (Rolls Royce Trent XWB мотори) и лесен труп.
Авионот, доколку биде повлечен од употреба, ќе биде првиот труп на А350 уништен во несреќа. Помалиот авион на крајбрежната стража превезувал помош за деловите на Јапонија погодени од земјотресот во понеделникот, кој урна згради на полуостровот Ното на северозападниот јапонски брег.
Прочитајте повеќе: Предупредување за цунами во Јапонија по удар од силен земјотрес
Аеродромот Ханеда беше затворен по несреќата. „Флајт радар“ покажа дека повеќе од 110 летови кои требаше да пристигнат во Ханеда во вторникот навечер се или откажани или пренасочени на други аеродроми, вклучително и аеродромот Нарита во Токио.