Обвинителството по допрен глас оформи предмет, откако „Истражувачка репортерска лабораторија“ (ИРЛ) објави истражување за клиничката болница „Жан Митрев“ и доктор Жан Митрев.
„Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлгуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето“, се наведува во одговорот на Обвинителството испратен до Медиумската информативна агенција (МИА).
Како што соопшти редакцијата на ИРЛ на својата веб-страница, денеска до неа пристигнала и кривична пријава против докторот Жан Митрев, неговата болница и вработени лица, а ја поднел адвокатот, Асмир Алиспахиќ, пред три месеци во име на пациент кој се лекувал таму и починал од сепса.
Во меѓувреме, стотици пријави од граѓани за неправилности и злоупотреби во рамки на државниот и приватниот здравствен систем пристигнале до редакцијата на ИРЛ, по објавувањето на документарецот „Нечиста крв“.
Истражувањето на ИРЛ покажа дека приватна болница, која имала најмногу пациенти за време на Ковид-19 пандемијата и во која лекувањето било исклучително скапо, го применува методот на хемофилтирација (филтрирање на крвта), кој бил клиничка студија. Клиничките студии не биле пријавени и одобрени во МАЛМЕД. Скапото лекување на клиниката, кое чинело од 12 илјади евра па нагоре, всушност било дел од клиничка студија, во која Жан Митрев навел дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето.
Според Центарот за јавно здравје - Скопје, клиниката „Жан Митрев“ не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако е законски обврзана да го извести државниот орган.
Во документарецот сведочи семејството Брезеви, кои изгубиле член, кој се лекувал во болницата. Сопругата на починатиот за ИРЛ раскажува дека покрај лекувањето на Ковид, нејзиниот сопруг добил низа интрахоспитални инфекции, а бил подложен и на хемофилтрација на крвта. Новинарите од ИРЛ разговарале со уште 20-тина семејства чии блиски починале во болницата и добиле слични или исти сведоштва.
Од клиниката „Жан Митрев“ истражувањето го оценија како обид за намерно нарушување на угледот и честа на болницата. Реагираат дека станува збор за невистинити квалификации кои се насочени кон намерно нарушување на честа и угледот на болницата, а истите се и вознемирувачки и за пациентите.
„Очигледно е дека овие лажни информации се креирани со намера за целосно искривување на фактите кои се однесуваат на долгогодишната успешна работа на клиничката болница 'Жан Митрев', каде што работат повеќе од 400 стручни и професионални лица под раководство на д-р Жан Митрев“, се вели во реакцијата.