Во четвртокот беше објавена нова серија досега запечатени документи кои се однесуваат на сексуалната злоупотреба на тинејџерки од страна на Џефри Епстајн, при што за неколку стотици страници порасна досието со информации во кои детално се објаснува како милијардерот ги користел врските со богатите, моќните и славните за да ги регрутира своите жртви и да ги прикрие злосторствата.
Станува збор за 19 документи, на околу 300 страници, како продолжение на оние кои веќе беа објавени во средата. Досега објавените документи, кои наскоро ќе бидат надополнети со нови, сe прошарани со имиња на познати личности и политичари кои се дружеле со Епстајн или работеле со него во годините пред тој да биде јавно обвинет (пред речиси две децении) дека плаќал малолетни девојки за секс.
Тие, исто така содржат податоци на некои од младите жртви на Епстајн, од кои многумина биле средношколки кои земале исплати од 200 долари за да му дадат непристојни масажи.
Откриените записи биле дел од тужбата поднесена од една од тие жртви, Вирџинија Џуфре, против Гилејн Максвел, поранешна девојка на Епстајн, негова помошничка и главен регрутер на млади, ранливи девојки. Тужбата имаше завршница во 2017 година, но документи од случајот сè уште се објавуваат, години подоцна.
Повеќето имиња во објавените записи се веќе познати за секој што внимателно го следи скандалот.
Во текот на судењето на Максвел пред две години, жртвите на Епстајн, од кои некои се стремеле да бидат манекенки или уметници, опишаа како тој им споменувал имиња на негови познати и влијателни пријатели за да сугерира дека го има билетот за остварување на нивните соништа. Максвел (62) беше осудена за обвиненија за трговија со луѓе и издржува казна од 20 години затвор.
Епстајн се самоуби во 2019 година додека чекаше судење за обвиненијата за трговија со луѓе и сексуална злоупотреба. Околу 250-те документи кои ќе бидат објавени во оваа нова серија, што веќе започна неделава, главно го повторуваат она што долго време се знае за човекот кој се движел во елитните кругови до неговото апсење.
Сепак, вклучуваат и неколку свежи детали за пирамидата на злоупотреба која само се зголемувала во текот на три децении, нанесувајќи штета и трауми за десетици тинејџерки и млади жени.
Документите објавени во четвртокот вклучуваат исказ на една од тие жртви, девојка која била во средно училиште кога отишла во неговата куќа, мислејќи дека била ангажирана како масажерка.
„Не се сеќавам точно како се најдов таму. Но бев таму и одеднаш ми се случи нешто ужасно“, изјавила таа, додавајќи дека Епстајн ѝ ја соблекол облеката без нејзина согласност првиот пат кога го сретнала.
Таа рече дека се трудела „многу, многу напорно“ низ текот на годините за да ги заборави деталите од сексуалните средби.
Жртвата, чие име остана необјавено, објаснила дека соученичка ѝ ја предложила работата. Подоцна, таа сфатила дека девојките кои упатувале други девојки кај Епстајн, всушност биле платени од него за да врбуваат врснички.
Дури и самата носела други девојки од средното училиште во куќата на Епстајн. Ниту една од нив не била нејзина пријателка.
„Понекогаш одев таму и само пливав и добивав пари, или дремев и добивав пари, или едноставно се дружев и добивав пари“, вели таа. „Не препоставував дека тие доаѓаат да направат нешто повеќе. Навистина не знаев - еднаш вратата беше затворена, а еднаш отидоа во друг дел од куќата. Честопати само одев таму и си ја гледав мојата работа додека тие правеле што правеле. Не сакав да им се мешам“.
Другите документи објавени во четвртокот главно се фокусираат на правните расправии околу тужбата на Џуфре и нејзината поврзаност со новинар од британски таблоид, кого адвокатите на Максвел го обвинија дека ја принудил да измисли некои од нејзините наводи.
Меѓу познатите луѓе во кругот на Епстајн пред да биде разоткриен како сексуален предатор биле поранешните американски претседатели Доналд Трамп и Бил Клинтон, пејачот Мајкл Џексон и магионичарот Дејвид Коперфилд, според исказите на неговите жртви и други сведоци цитирани во новообјавените документи. Ниту еден од тие мажи не беше обвинет за некаков прекршок.
Има и повторувања на добро познати приказни за британскиот принц Ендрју. Него го тужеше Џуфре, која рече дека имала сексуални средби со член на кралско семејство кога имала 17 години. Принцот, кој ги негираше обвинувањата, се спогоди со Џуфре во 2022 година.
Илјадници документи во тужбата на Џуфре против Максвел беа објавени претходно, но некои делови беа затемнети поради загриженост за приватноста. Окружната судијка на САД, Лорета А. Преска, минатиот месец нареди тие измени да бидат укинати, најмногу затоа што имињата во документите веќе беа објавени во јавноста преку вести или преку други судски постапки.
Клинтон претходно преку портпарол изјави дека иако неколку пати патувал со авионот на Епстајн, тој никогаш не ги посетил неговите домови, не знаел за неговите злосторства и не разговарал со него од неговото осудување. Трамп, исто така, рече дека некогаш мислел дека Епстајн е „прекрасно момче“, но дека подоцна се разишле.
Додека многу од луѓето чии имиња се појавуваат во судските записи не се обвинети дека направиле нешто погрешно, има и многу референци за Жан-Лук Брунел, француски моден агент кој бил близок со Епстајн, а кој се самоуби во париски затвор во 2022 година додека го чекаше судењето под обвинение дека силувал малолетни девојчиња. Џуфре беше меѓу жените кои го обвинија Брунел за сексуална злоупотреба.
Исто така, имотот на Брунел оваа недела доби тужба од жена која тврди дека тој и други сексуално ја нападнале додека работела како модел во Њујорк. Таа вели дека во една прилика ја однеле во дом во Канада и ја држеле таму неколку дена додека повеќе мажи ја злоупотребиле. Во тужбата поднесена до државниот суд во Калифорнија, не се споменуваат Епстајн или Максвел.
Повеќе документи се очекува да бидат објавени во петок и понеделник.