Најскапата џиновска сина туна продадена на најголемиот рибен пазар во Токио на првиот работен ден во 2024 година чинеше 114,2 милиони јени или 788.440 долари. Се работи за рибна аукција која стана јапонска новогодишна традиција.
Туната тешка 238 килограми беше продадена во петокот на трговецот за морска храна на големо „Јамајуки“ и операторот на синџирот за суши „Онодера груп“ - тим кој четири години по ред ја има победничката понуда во ова наддавање.
Џиновската туна била над три пати поголема од понудената количина минатата година на рибниот пазар Тојосу во Токио и четврта по големина од почетокот на евиденцијата за овие наддавања во 1999 година, соопшти Хироки Мацушита, претставник на рибниот пазар.
„Го направивме она што го зацртавме, сакавме да победиме“, изјави по телефон Јукитака Јамагучи, претседател на „Јамајуки“. Вредната туна е уловена на брегот на префектурата Аомори, а ќе се служи во суши ресторанот Онодера со мишелин ѕвезда во луксузниот кварт Гинза.
Цената на туната е највисока од пандемијата на коронавирус. Ова доаѓа откако ограничувањата поради вирусот беа укинати, а рестораните повторно се полни со клиенти.
Бројот на странски посетители во Јапонија се врати на нивоата пред пандемијата и надминува два милиона шест последователни месеци, според јапонската национална туристичка организација.
Сепак, домашната побарувачка останува нестабилна, бидејќи земјата во третиот квартал ја доживеа најдлабоката контракција на бруто домашниот производ по пандемијата. Цената на туната оваа година и натаму е далеку од рекордот во 2019 година од 333,6 милиони јени (околу 2,3 милиони долари).