Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево извести за лажна пријава за наводно поставена бомба во зградата на Народната банка (НБРСМ) во Скопје.
Благодарение на воспоставените протоколи за безбедност на институциите од изминатата година, а кои ги имплементира и Народната банка, безбедноста е загарантирана со висок степен, посочуваат од наделжното министерство.
„Денеска (13.01.2024) по добиена пријава за наводно поставена бомба, од страна на Единицата за антитероризам при Бирото за јавна безбедност се направени потребните проверки и утврдено е дека станува збор за лажна пријава. Апелираме до граѓаните да не се вознемируваат. Институциите имаат обврска да ги следат и имплементираат мерките на Владата во целост и на тој начин да ја засилат безбедноста на своите објекти“, стои во соопштението.
За потсетување, по пет месеци лажни дојави за бомби, минатата година надлежните министерства објавија мерки како да се реагира кога тие се случуваат.
На терен пред објектот на банката можеше да се забележи засилено полициско присуство.