Јапонија, Сингапур и Јужна Кореја имаат најмоќни пасоши додека светот продолжува да се опоравува од Ковид-19, менувајќи ја ранг-листата од пред пандемијата на која доминираа европските нации.
Јапонскиот пасош без проблем обезбедува влез во 193 земји, една повеќе од оние на Сингапур и Јужна Кореја, според најновиот индекс за пасоши од Henley & Partners, консултантска компанија за имиграција.
Руските патни исправи се ранг 50, овозможувајќи лесен пристап до 119 земји. Кина зазеде ранг 69 со пристап до 80 земји, пасошот на Индија е рангиран 87, а пасошот на Авганистан е најмалку корисен, бидејќи неговите сопственици може да влезат во само 27 земји.
Во однос на земјите од регионот Адриа, македонскиот пасош е 45. ранг и овозможува лесен пристап до 125 земји во светот. Пред него се пасошите на Словенија (ранг 11), Хрватска (ранг 17) и Србија (ранг 38) кои овозможуваат влез во 181, 173 и 136 земји соодветно. Пасошот од Босна и Херцеговина има ранг 51 и со него може да се пристапи во 118 држави.
„За закрепнување и обновување на нашите слободи за патување и нашиот вроден инстинкт да се движиме и мигрираме, ќе биде потребно време“, посочи во изјава претседателот на Henley & Partners, Кристијан Келин.
Во 2017 година, според истиот индекс, азиските земји едвај се најдоа меѓу 10-те најприфатени пасоши во светот. Доминацијата на Европа постепено се намалува и Германија сега следи зад Јужна Кореја. Велика Британија е шести ранг со пристап до 187 земји, додека САД се седми со резултат од 186, покажува најновото рангирање.
Индексот, кој користи податоци за 17 години, им помага на богатите поединци и владите да ја проценат вредноста на државјанствата ширум светот врз основа на тоа кои пасоши нудат најслободен пристап без визи или обврска за виза при пристигнување. Сепак, со оглед на тоа што глобалното патување допрва треба целосно да се опорави од ограничувањата поради пандемијата, индексот нуди само замислена слика за најдобрите документи додека светот излегува од ограничувањата.