Инфлацијата и натаму е над историскиот просек, констатира Народната банка вчера и одлучи и овој пат да не ја промени каматата на благајничките записи. Засега таа останува на нивото од 6,30 отсто, највисоко во последните петнаесетина години.
На исто ниво остануваат и каматните стапки во САД по вчерашниот состанок на ФЕД. Претседателот Џером Пауел рече дека креаторите на политиките ќе чекаат повеќе податоци пред да донесат поинаква одлука.
Банките и високите трошоци за задолжување ја одбележаа минатата година, затоа заслужија место во изборот на петте редакции на „Блумберг Адрија“ за Топ 50 највлијателни луѓе и настани за 2023 година.
Добро утро, ова се петте важни вести за почеток на овој ден.
„Блумберг Адрија“ топ 50 највлијателни луѓе во регионот во 2023 година
Минатата 2023 година беше обележена со голем скок на каматните стапки и со зголемување на трошоците за задолжување, заедно со смирена и опаѓачка инфлација, додека во исто време технолошките компании доминираа на пазарите на капиталот и доживеаја вртоглав раст. Војната во Украина продолжи, а светот се соочи и со нов оружен конфликт меѓу Израел и Хамас.
Секторот што најдобро ја искористи својата позиција во тие услови е секако банкарскиот сектор. Банките во регионот Адрија беа најголеми добитници минатата година, додавајќи неверојатни профити во своите биланси. Заедно со банкарите, едно од централните места на листата Топ 50 највлијателни луѓе од регионот Адрија, која се составува втора година по ред, зазедоа и деловните луѓе што не бараа изговор во геополитичките или други околности и постигна забележителни резултати. Има и политичари што сигурно ќе ја обликуваат бизнис-климата во 2024 година, бидејќи практично во сите земји од регионот се одржуваат избори.
Гувернерката за „Блумберг Адрија“: Инфлацијата е висока за да паднат каматите
Стапката на инфлација сè уште е над нашиот историски просек, што е главната причина зошто Народната банка на последниот состанок одлучи да ја остави непроменета основната камата. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во ексклузивна изјава за македонската редакција на телевизијата „Блумберг Адрија“ открива од што ќе зависат идните потези на централната банка.
„Генерално, секогаш, при носењето на одлуките се водиме од последните макроекономски и финансиски податоци со најголем фокус на монетарната стратегија кај нас, на движењата во сегментот на инфлацијата и на девизниот пазар. Сега за сега движењата на инфлацијата се во насока со нашите очекувања, малку подобри, што е добро. Исто така и во девизниот сегмент, минатата година ја завршивме со повисоко ниво на девизни резерви од нашите очекувања и октомвриските проекции, а тие стабилни трендови продолжуваат и оваа година“, вели Ангеловска-Бежоска.
Германската инфлација забави повеќе од очекуваното, погледите вперени во ЕЦБ
Германската инфлација забави повеќе од очекуваното на почетокот на 2024 година, што е дел од поширокото повлекување низ континентот, кое ќе ѝ овозможи на Европската централна банка (ЕЦБ) да започне со намалување на каматните стапки во наредните месеци.
Потрошувачките цени се зголемија на годишно ниво за 3,1 отсто во јануари, објави заводот за статистика во средата. Тоа е помалку од декемвриските 3,8 отсто и под 3,2 проценети, колку што прогнозираа економистите анкетирани од „Блумберг“.
Побогатите во Македонија плаќаат поголем данок на имот, ама ако пријават сами
Вчера истече рокот за поднесување даночна пријава за данок на имот. Сега се на ред општините до март да ги подготват решенијата за плаќање на давачката. Сепак, најголем дел општинари велат дека иако законот теоретски дозволува да им наплаќаат повисок данок на тие што имаат повеќе имоти, во практика решението е тешко остварливо.
Претставниците на општините со кои разговараше „Блумберг Адрија“ велат дека ја зголемиле наплатата на данок на имот во последно време, но малку од тоа зголемување е резултат на законските измени, а многу повеќе на ангажманот на локалните власти да си ги соберат парите.
Грешки во 2023 година: Што погодивме, а што промашивме?
Без разлика што вели сопственикот Илон Маск, X (поранешен Твитер) изгуби корисници и огласувачи и стана помалку релевантен. Ние предвидовме дека темите на „Мета“ (Meta Platforms Inc.) ќе имаат најголема корист од тоа. Она што не го очекувавме беше подемот на Линкдин (LinkedIn).
Од кавгата меѓу републиканците најголема корист ќе има Џо Бајден – промашување
Сите надежи дека Претставничкиот дом предводен од републиканците и администрацијата на претседателот Бајден ќе постигнат компромис беа уништени по заканите за затворање и истрага за импичмент, што го направи овој Конгрес најнепродуктивен досега. Пред изборите, рејтингот на Бајден сè уште е низок.