text size
Главниот извршен директор на УБС (UBS Group AG), Серџо Ермоти, упати невообичаено јасна закана дека ќе ја пресели банката, додека ја заострува својата реторика во врска со плановите на Швајцарија да ја обврзе да поседува дополнителен капитал во износ од милијарди долари.
По состанокот со пратениците во долниот дом на швајцарскиот парламент, Ермоти го заостри својот речник, критикувајќи го гласањето од минатиот месец, кое ги намали надежите на банката дека владините планови за зголемување на капиталот за 16 милијарди долари ќе бидат ублажени. Ермоти претходно избегнуваше директно да се закани дека ќе ја напушти земјата, но зголемената веројатност за пораз во преговорите ги зголеми влоговите во тековната дебата.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Малопродажни синџири во Македонија: Што се промени за 10 години?
За десет години пазарот на малопродажба во Македонија поминал низ значителни промени, покажува истражувањето на компанијата „Инсајдер ИД“. „Стокомак“ повеќе од двојно го зголемил учеството на потрошувачи што пазарат во неговите маркети, „Кипер“ од релативно мало присуство се развил во еден од најпосетуваните национални синџири. „КАМ маркет“ ја задржал првата позиција во текот на целата деценија, додека „Веро“ продолжува да се издвојува со висока лојалност и перцепција за модерност.
Една од најзначајните промени во македонската малопродажба во изминатата деценија е континуираниот раст на тврдите дисконти, покажува истражувањето. Според историските податоци на „Инсајдер ИД“, повеќе дисконтни синџири успеале паралелно да изградат големи потрошувачки бази, и покрај тоа што се директни конкуренти на пазарот. Овој тренд е тесно поврзан со промената на потрошувачките навики, бидејќи денес еден потрошувач во просек пазари во поголем број маркети отколку пред десет години.
Регионот „лудува“ по витка линија: Новата економија на гладот
Гила-монстер е вид на отровен гуштер што живее во северозападно Мексико. Се смета дека само три-четири обилни оброци во текот на пролетта му обезбедуваат доволно енергија за цела сезона. Тајната за реткото јадење е во плунката. Од неа е изолиран пептид што дејствува на намалување на шеќерот во крвта, на центарот за ситост, а со тоа и на намалувањето на телесната тежина.
Проучувањето на пептидот во плунката на овој гуштер и на нему сличниот ГЛП-1 го отвори патот за развој на нова генерација лекови против дијабетес и дебелина. Популарните „оземпик“, „вегови“ и „мунџаро“ не се изолираат од плунката на гуштерите, туку се синтетички изолирани во лабораторија.
„Голдман“ проценува дека продажбата на лековите против дебелина до 2030 година би можела да достигне 114 милијарди долари. „Морган Стенли“ предвидува пазар од 150 милијарди долари до 2035 година. Сепак, растот ќе зависи и од тоа колку ќе поевтинат терапиите и колку осигурителните фондови ќе бидат подготвени да ги финансираат.
Фед ги задржа каматите и покрај инфлаторните притисоци
Претставниците на Федералните резерви (Фед) ги оставија каматните стапки непроменети и ја повторија својата посветеност на ставањето на инфлацијата под контрола, но без да дадат јасен сигнал дека би можеле да ги зголемат стапките на следниот состанок во декември.
„Акумулирањето дополнителни информации ќе му помогне на комитетот да ја утврди соодветната насока на монетарната политика за да се обезбеди навремено враќање на инфлацијата кон целта на комитетот од 2 отсто“, наведоа креаторите на монетарната политика во соопштението објавено во средата по состанокот. „Комитетот ќе обезбеди стабилност на цените“.
Индексот на потрошувачките цени во септември порасна со најбрзо темпо во последните пет месеци. Тоа во голема мера беше поттикнато од повисоките цени на енергентите поврзани со војната во Иран, но извештајот покажа и широко распространета инфлација кај стоките и услугите.
Цената на гасот достигна 100 евра за првпат по енергетската криза од 2022 година
Европскиот природен гас поскапе и надмина 100 евра за мегават-час за првпат од енергетската криза во 2022 година, оживувајќи ги стравувањата од нов ценовен шок со сериозни последици, токму кога регионот се приближува кон сезоната на најголема побарувачка.
Стравувањата дека ескалацијата на војната во Иран би можела дополнително да ги наруши глобалните испораки на гас се надоврзаа на ниските резерви на гориво во Европа и зголемената побарувачка за греење, поттикнувајќи го најновиот скок на цените.
Цените се зголемија повеќе од трипати во споредба со периодот пред војната во Иран, брзо поништувајќи го повеќегодишниот напредок во враќањето на европските трошоци за енергија под контрола. Нарушувањата во снабдувањето поврзани со конфликтот на Блискиот Исток веќе додадоа повеќе од 100 милијарди евра на европската сметка за увоз на фосилни горива. Со оглед на тоа што резервите се невообичаено ниски за овој период од годината - а се очекува постуденото време во наредните денови да ја зголеми побарувачката - враќањето на цените над 100 евра го засилува притисокот врз компаниите, домаќинствата и владите.
Како македонските компании да го претворат локалниот потенцијал во глобален успех?
Македонските компании имаат потенцијал за поголемо присуство на меѓународните пазари, но за да го претворат во извозен раст, потребни им се подобра транспортна инфраструктура односно поефикасна логистика, исполнување на строгите стандарди на странските купувачи и инвестиции во иновации и дигитализација. Овие прашања беа во фокусот на првото издание на „Форумот за глобална трговија и раст 2026“ (Global Trade & Growth Forum 2026), што се одржа во Скопје со учество на повеќе од 200 домашни и странски деловни лидери, инвеститори и високи државни и дипломатски претставници.
Под мотото „Локална сила. Глобално влијание.“, на форумот беше истакната потребата домашниот потенцијал да се претвори во конкретни деловни можности на странските пазари.
Генералната директорка на „МСЦ Северна Македонија“ (MSC North Macedonia) и потпретседателка на Швајцарско-македонската стопанска комора(SwissCham North Macedonia), Сања Радовановиќ, порача дека македонските компании треба да имаат поголема храброст за настап на меѓународните пазари.