На кралот Чарлс Трети му е дијагностициран рак, соопшти попладнево Бакингемската палата. Според официјалното соопштение 75-годишниот монарх за време на лекувањето нема да врши јавни должности.
Палатата не прецизираше каков вид на рак е пронајден, но се исклучува можноста за рак на простата. Кралот неодамна беше подложен на третман за бенигно зголемување на простатата, а канцерогеното заболување е откриено за време на тој третман, се вели во извештајот.
„Кралот е благодарен на неговиот медицински тим за брзата интервенција, што беше овозможена со неговата неодамнешна болничка процедура“, соопшти Бакингемската палата.
„Тој останува целосно позитивен во однос на неговото лекување и со нетрпение очекува да се врати на целосна јавна должност што е можно поскоро“.
Иако ќе ги паузира своите јавни ангажмани, кралот ќе продолжи да ја врши својата уставна улога како шеф на државата и врховен командант на вооружените сили.
Принцот Хари разговарал со кралот за дијагнозата и ќе отпатува во Велика Британија од Калифорнија за да го види својот татко во наредните денови.
Во Долниот дом, спикерот Линдзи Хојл ја прекина вообичаената работа за да му посака на монархот целосно закрепнување. „Знам дека целата земја ќе му посака добро“, рече премиерот Риши Сунак на X, поранешен Твитер.
Кралот Чарлс беше крунисан во мај минатата година. Тој го чекаше тронот повеќе од 70 години, бидејќи ниту еден монарх не седел на тронот подолго од неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, која почина во септември 2022 година.
Тој имаше операција на простата во приватна болница во Лондон пред повеќе од една недела, одлучувајќи да и соопшти на јавноста за неговата состојба со цел да ги охрабри мажите да направат прегледи на простата, соопшти неговата канцеларија.
Операцијата на кралот Чарлс се случи во исто време во операцијата на абдоменот на неговата постара снаа, Кетрин Мидлтон, принцезата од Велс.
Таа ја напушти приватната клиника во Лондон и се врати во својот дом во Виндзор пред неколку дена, речиси две недели откако беше подложена на голема операција на абдоменот, соопшти Кенсингтонската палата.
Се очекува 42-годишната идна кралица да се врати на службените должности дури по Велигден, а принцот од Велс привремено се повлече од својата кралска улога за да се грижи за неа и за нивните деца.
Портпаролот на Кенсингтонската палата рече: „Принцезата од Велс се врати дома во Виндзор за да продолжи да закрепнува од операцијата. Таа добро напредува. Принцот и принцезата сакаат да му кажат огромна благодарност на целиот тим на клиниката во Лондон, особено на посветениот медицински персонал, за грижата што ја пружија. Семејството од Велс продолжува да биде благодарно за добрите желби што ги добија од целиот свет“.
Истовремено со вестите за состојбата на кралот Чарлс и принцезата од Велс беше објавено и дека Сара Фергусон, поранешната сопруга на принцот Ендрју, помладиот брат на кралот Чарлс, боледува од рак на кожата.