РТ (RT), телевизиската мрежа поддржана од Кремљ, порано наречена „Раша тудеј“, го формира своето прво биро за Африка додека претседателот Владимир Путин се обидува да ја зацврсти поддршката на континентот кој главно се воздржува од критикување на инвазијата во Украина.
Компанијата соопшти дека во моментот е фокусирана на развој на својот африкански центар на англиски јазик во Јужна Африка, кој ќе биде предводен од Паула Слиер, јужноафриканска новинарка која раководеше со бирото на РТ во Ерусалим.
Влезот во Африка е контраст на забраните за РТ што ги воведоа Европската унија, Обединетото Кралство и Канада набргу откако Русија ја нападна Украина во февруари. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тогаш рече дека РТ и „Спутник“, уште еден руски радиодифузер, повеќе нема да можат да ги шират своите лаги за да ја оправдаат војната на Путин и да сеат поделеност во сојузот. РТ возврати со јунската судска жалба дека ЕУ незаконски ги замолчува новинарите.
„Мултичојс груп“ (MultiChoice Group Ltd.), најголемиот африкански провајдер за платена телевизија, го укина каналот на РТ откако санкциите на ЕУ спречија глобален дистрибутер да го обезбедува емитувањето.
Обезбедување на услугите на РТ во Африка ќе придонесат за усогласена медиумска платформа на руските дипломати на континентот за да се спротивстават на обвинувањата од Европа и САД дека руската инвазија е неоправдана и ги зголемува глобалните цени на храната и горивото.
Слиер, поранешна вработена во Јужноафриканската радиодифузна корпорација, почна да го води бирото на РТ за Блискиот Исток во 2005 година, според податоците на нејзината веб-страница.
Во мартовска колумна, Слиер го бранеше каналот и рече дека никогаш не било тајна дека го претставува гледиштето на владата. Слиер посочи дека иако таа има несогласувања со инвазијата, повеќето Руси ја поддржале, а претпоставките на противниците на земјата дека државните медиуми погрешно информираат се неправедни и навредливи.