Вкупните депозити во јануари годинава се непроменети на месечна основа, а на годишна основа се зголемени за 10 проценти, како резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поголем придонес на депозитите на секторот домаќинства, соопшти Народната банка.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Цените уриваат рекорди, чоколадната треска се преслика и во Македонија
Вообичаено, за 8 Март жената добива подарок, а за возврат таа купува благо за да ги почести домашните. Годинава голем е ризикот тортата да биде поскапа од подарокот. Пребарувањето по веб-страниците на познатите слаткарници ни покажа дека ролатот од 18 парчиња што во 2019 година чинел 500 денари, сега е намален на 13 до 15 парчиња и стигнува и до 900 денари.
Трендот нема да ги заобиколи македонските производители на слатките задоволства. Првите луѓе на двете најголеми фабрики во земјава велат дека во наредниот период не само што ќе растат цените туку и времето на евтиното благо е веќе завршено. Пазарот две години е во дефицит. Побарувачката расте, а производителите ги црпат резервите. Причина за овој недостиг се временските неприлики во Африка, кои ги намалија приносите, а се појавија и болести кај зрната какао. Прогнозите се дека недостигот во оваа сезона ќе биде уште поголем.
Од Белград до Вашингтон: Каде се служи најдобриот македонски ајвар
Македонскиот ајвар е прогласен за најдобра закуска во светот за 2023 година. Во конкуренција на јадења од регионот Адрија, но и од Хаити, Јужна Африка и Ел Салвадор, препознатливиот балкански деликатес доби највисока оценка на „Тејст атлас“.
„Овој традиционален рецепт од пиперки и модар патлиџан е еден од најпопуларните низ целиот Балкан и Источна Европа. Најценет ајвар е македонскиот, кој се прави само со црвени пиперки. Називот потекнува од турскиот збор havyar, што значи ’кавијар’“, се наведува во описот на признанието. На листата со топ 10 најдобри мезиња од зеленчук одлично котира и македонскиот пинџур, кој се најде на четвртото место.
Народната банка и ЕИБ ќе соработуваат за поддршка на зелените финансии
Народната банка ќе добие поддршка од Европската инвестициска банка во сферата на зелените финансии. Договорот денеска го потпишаа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претставникот на ЕИБ во земјава, Бјорн Габриел. Соработката помеѓу двете институции се состои во консултантска поддршка за централната банка за понатамошно унапредување на регулаторната и супервизорската рамка за управување со климатските ризици, како и на капацитетите за известување, собирање и обработката на податоци за зелените финансии.
Целта е преку овие активности да се зајакне разбирањето на изложеноста на климатските ризици кај корпоративниот сектор од страна на банките и да се поддржат одржливите практики.
Раст на бројот на стечаи во ЕУ
Во четвртиот квартал од 2023 година, бројот на изјави за стечај на деловните субјекти во ЕУ се зголеми за 0,6 проценти во споредба со претходниот квартал, соопшти „Евростат“. Бројот на изјави за стечај на крајот на 2023 година е над нивото на претпандемискиот период забележано помеѓу 2016 и 2019 година.
Постојат разлики и во бројот на стечаи во зависност од економскиот сектор. Во четвртиот квартал од 2023 година, стечаите бележат најголем пораст во секторот транспорт и складирање (+9,3 проценти), проследено со трговија (+7,7 проценти) и услуги за сместување и храна (+1,1 процент).
Тиндер ја засилува безбедноста поради измамнички профили што користат ВИ
Тиндер, најпопуларната платформа за запознавање во светот, го воведува системот во САД, Велика Британија, Бразил и Мексико во текот на следните недели и месеци. Функцијата веќе се тестира во Австралија и Нов Зеланд, каде што луѓето што добиле верификација забележале зголемување од 67 отсто во совпаѓањата во споредба со оние што не го направиле тоа, се наведува во соопштението на компанијата.
Процесот бара важечка возачка дозвола или пасош и своерачно снимено видео. Трети лица го проверуваат датумот на раѓање и дали лицето на видеото се совпаѓа со фотографиите на профилот и личната карта на поединецот. Откако корисникот ќе ги достави информациите, обично се потребни една-две минути за да се одобри. Кога корисниците ќе ја завршат потврдата на личната карта и фотографиите, на нивниот профил ќе се појави сина ознака за верификација.