Гарантираните цени во маркетите ќе важат до четврток. Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека владината мерка за ограничување на цените на основните прехранбени производи веќе нема да продолжува. Очекувањата се дека нов закон ќе стави брана на растот на цените и инфлацијата во следниот период.
Добро утро, ова се петте вести важни за почеток на денот
„Комерцијална банка“ не се откажува од „Стопанска банка Битола“ и од странски инвеститор
Спроведување длабинска анализа на „Стопанска банка“ АД Битола за утврдување на можноста за нејзино присоединување кон „Комерцијална банка“ АД Скопје е една од приоритетните цели на „Комерцијална банка“ во претстојниот период. Уште една од вкупно десетте приоритетни цели и задачи претставени во развојниот план на банката за периодот 2024-2026 година е привлекување стратегиски инвеститор од странство.
„Доколку акционерите на ’Комерцијална банка‘ АД Скопје обезбедат контролен пакет на акции и утврдат соодветни параметри, менаџментот на банката ќе презема соодветни постапки, мерки и активности за евентуално привлекување потенцијален странски стратегиски инвеститор“, пишува во развојниот план на банката.
Соларни панели и батерии од Кина го преплавија и македонскиот пазар
Најсилната енергетска криза која ја погоди глобалната економија во 2022 година придонесе земјава да го забрза чекорот кон употреба на обновливи извори за добивање струја и само две години да добие еколошка замена за РЕК Битола. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), за 25 месеци приклучени се нови 578,26 MW енергетски капацитети од обновливи извори кои произведуваат електрична енергија што е доволна за просечна потрошувачка на скоро 185 илјади домаќинства.
Бројките во земјава кореспондираат со бројките во европските земји и САД каде евтиниот увоз од Кина станува опасност за локалните производители. Европската унија веќе најавува истраги кои можат да доведат до користење трговски алатки за справување со кинескиот увоз. И Вашингтон упати предупредување – сака да се увери дека Пекинг сериозно го сфаќа проблемот.
Кинески БЈД преговара со Италија за отворање фабрика
Италијанската влада стапила во контакт со кинескиот производител на автомобили БЈД со намера да привлече уште еден производител на автомобили, покрај домашниот „Фиат“, а тоа е „Стелантис“.
„Имаме некои контакти, разговараме за тоа“, рече Мајкл Шу, директор на „БЈД Европа“, во интервју на меѓународниот саем за автомобили во Женева. „Потребата за втора европска фабрика зависи од нашата продажба, сега добро напредуваме“.
Осум гаџети што би можеле да ја обележат 2024 година
Годинава по долго време би можела да биде добра година за гаџетите за потрошувачи. „Епл“ е на пат да започне со најголемото масовно производство на нова категорија производи во последните години, додека стартап основан од поранешни вработени во компанијата продава нов тип уред за носење што има намера да го замени „ајфон“ како главен уред на ерата на вештачка интелигенција. (Двете најави предизвикуваат доста возбуда, но и скептицизам.)
Гејмерите веројатно ќе видат нови верзии на повеќе големи конзоли. И американско-кинескиот технолошки натпревар, кој понекогаш лута во апстрактни теми како владините црни листи и дизајнот на полупроводниците, би можел да се фокусира на производство на конкретни гаџети.
Бектеши: Нема да се продолжува мерката за гарантирани цени
Министерството за економија нема да ја продолжи мерката за гарантирани цени, која завршува на крајот на месецов, туку, како што најави ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе го чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој, според него, ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
„Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и земјоделските производи“, вели Бектеши за МИА.