Инфлацијата останува висока во САД и во еврозоната, поддржувајќи ги тврдењата на централните банкари во двата региона дека е прерано да се започне со намалување на каматните стапки. На друго место, кинеската фабричка активност се намали петти месец по ред во февруари, што укажува на тоа дека слабата побарувачка останува пречка за втората по големина економија во светот.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Кои плати најмногу ќе растат во земјава годинава?
Во моментов во земјава, според евиденцијата на Агенцијата за вработување, објавени се 10.381 оглас за вработување. Најмногу се бараат оператори за во фабрики, работници во малопродажба, угостителство и во ИТ-секторот. Tрендот на раст на платите нема многу врска со политичките ветувања, туку со најголемиот проблем на глобалната економија - недостигот од работници. Во трката за пополнување на празните работни места работодавците нудат поголеми бројки, а кандидатите за работа затоа што имаат алтернативи, имаат и поголема преговарачка моќ, па бараат уште повеќе.
Анализата на статистичките податоци за платите во последните десет години покажува дека најбрз раст има во секторот информации и комуникации. Од 2014 до крајот на 2023 година овие плати се зголемила за 600 евра. Двојно помал раст има во преработувачката индустрија, а најмал раст од нешто над 200 евра има во угостителството.
ББА-анализа: Недостигот од работници ќе ги приближи македонските плати до словенечките
Бруто-платите продолжија да растат во 2023 година, поддржани од високите (иако опаѓачки) стапки на инфлација и недостигот од работна сила, констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на регионалниот пазар на трудот, објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
„Стапката на раст и во регионот Адрија и во групата ЦИЕ4 (Полска,Чешка, Унгарија и Романија) во номинална вредност беше над 13,5 проценти во просек. Освен во Чешка и Словенија, растот на бруто-платите забележа двоцифрен број. Реално, ситуацијата е подобра за регионот Адрија, каде што просечниот раст на реалната плата беше 4,8 проценти на годишно ниво, што укажува на подобра куповна моќ, додека тоа не беше случај за ЦИЕ4 (-0,6 проценти годишно)“, посочуваат аналитичарите. Тие информираат дека во однос на нивото на бруто-платите, Словенија останува на врвот со над 2.000 евра.
Неработен петок: Сон или стварност?
По неколку западноевропски земји, Германија на 1 февруари исто така започна со тестирање на четиридневната работна недела, што одекна меѓу јавноста во регионот Адрија. Медиумската еуфорија поради оваа вест беше толку голема што можеше да се добие впечаток дека практично цела Германија преминува на пократко работно време и дека по речиси еден век повторно дојде историско време. Време како она во 1926 година, кога американскиот индустријалец Хенри Форд одлучи да ја скрати работната недела во неговите фабрики за автомобили на пет дена, со вкупно 40 часа, што набрзо стана стандард не само во Америка туку и во Европа.
И покрај економските турбуленции, многумина се прашуваат дали сонот за слободен петок е всушност блиску да стане реалност во сегашната ера на роботско производство и вештачка интелигенција. Дали генерацијата зед (Z), со своето инсистирање на баланс помеѓу приватниот и деловниот живот ќе придонесе работодавците похрабро да се одлучат за четиридневна работна недела? Или отпорот за скратување на работната недела на 32 часа сепак сè уште е посилен?
Најдобрите златни визи во светот
Португалија продолжува да ги нуди најдобрите златни визи во светот. Сончевата нација обезбедува достапен и висок квалитет на живот, како и лесен пристап до другите европски земји и јасен пат до државјанството на ЕУ, според индексот на консултантската куќа „Хенли енд партнерс“ , која ги испитувала факторите како што се времето до државјанство, даноците, трошоците и угледот. Австрија и Грција се изедначија на второто место во рангирањето.
Европските земји се рангирани високо на индексот бидејќи голем број нудат релативно лесни патишта до државјанство, им дозволуваат на инвеститорите да патуваат без визи низ Европската Унија и да основаат бизнис или да живеат на континентот по ниска цена.
Колку пари се потребни за влез во клубот на најбогатите во светот
Сега се потребни најмалку 5,8 милиони долари за приклучување меѓу најбогатиот ешалон во најголемата светска економија, речиси 15 отсто повеќе отколку пред околу 12 месеци, според истражувањето на „Најт Френк“. Монако го задржа првото место за највисокиот праг во светот, со 12,8 милиони долари, што е за 3,2 отсто повеќе од претходната година, додека на Луксембург и Швајцарија им требаа повеќе од осум милиони долари за намалување, според Извештајот за богатството на брокерите за недвижности за 2024 година.
Закрепнувањето на пазарот во САД и другите западни земји го зголемува јазот меѓу богатите и сиромашните земји. Бруто-домашниот производ на Монако по лице од околу 240.000 долари е над 900 пати поголем од оној на Бурунди, според Светската банка.