Народната банка овозможува граѓаните брзо и лесно да извадат извештај од Кредитниот регистар, преку Националниот портал за услуги (линк).
Од централната банка информираат дека услугата е бесплатна, исто како и досега, кога се добиваше единствено во просториите на банката.
„Олеснувањето на процесите и подобрувањето на услугите, преку користењето на придобивките од дигитализацијата, е заложба на Народната банка и таа како регулатор, но и преку личен пример, настојува да се зголеми искористувањето на технолошките придобивки“, се наведува во соопштението на Народната банка.
За да ја користат оваа услуга, граѓаните ќе треба да се регистрираат на Националниот портал за услуги. Услугата ќе им биде достапна во текот на 24 часа, на македонски или на албански јазик.
Извештајот од Кредитниот регистар ги содржи податоците за вкупната кредитна изложеност на граѓанинот заклучно со последниот датум на податоците со кои располага Народната банка.