Соединетите Американски Држави го поддржаа пристапувањето на Македонија во Европската Унија во најнова резолуција во Сенатот, спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт, Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин, и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис.
Во резолуцијата, како што пренесува „Гласот на Америка“ на македонски јазик, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Македонија, без дополнителни билатерални услови.
„Претседателот и државниот секретар да продолжат тесно да соработуваат со Владата на Северна Македонија, да го поддржат проширувањето на Европската Унија со Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, се наведува во резолуцијата.
Во резолуцијата се нагласува и поддршката на Сенатот за македонската влада да ги преземе реформите неопходни за унапредување на членството во ЕУ.
Сенатот ја „охрабрува Владата на Македонија да продолжи со својата важна работа за членство во Европската Унија, како и со напорите за продолжување на мирот, стабилноста и просперитетот во Источна Европа“.
Македонија е првата држава од Западен Балкан што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и стана официјална кандидатка за ЕУ во 2005 година, како и прва држава од Западен Балкан што почна стратегиски дијалог со САД во јуни 2022 година, како дел од Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка од 2008 година.
„Северна Македонија останува важен безбедносен партнер на Европската Унија и на САД и сојузник на НАТО, обезбедувајќи ѝ на Украина хуманитарна помош и значителна воена опрема, гласајќи во корист на Советот за безбедност на Обединетите нации и резолуциите на Генералното собрание против руската агресија и усвојувајќи ги сите руски санкции од Европската Унија“, се наведува во резолуцијата.
Во октомври минатата година сенаторите Велч и Шахин ги посетија Македонија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, истакнувајќи ја поддршката на САД за европската интеграција на Западен Балкан и безбедноста во регионот, во услови на руска агресија против Украина.