Секој трет договор за јавна набавка во периодот од јануари до јуни 2023 година бил во постапка без конкуренција, покажува најновата анализа на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). За овој период од шест месеци, во постапки за јавни набавки во кои учествувала само една фирма биле склучени над пет илјади договори, со вкупна вредност од 283 милиони евра. Во сите тендери од здравството што биле предмет на мониторинг, како што се посочува во извештајот на ЦГК, изостанувала конкуренција во постапката за јавна набавка.
„Конкуренцијата изостанува дури и во тендери со огромна вредност, како што е двегодишната набавка на инсулин и глукагон за 2023 и 2024 година, во вредност од 28 милиони евра“, се посочува во извештајот.
Еден од клучните наоди на извештајот е дека во нетранспарентна постапка со преговарање, без претходно објавен оглас, во првото полугодие од 2023 година биле склучени договори со вкупна вредност од околу 11 милиони евра.
„Една третина од вредноста на овие договори отпаѓа на договорите склучени од АД ’Електрани’. Гледано вредносно, речиси една третина од овие договори ѝ припаѓаат на АД ’Електрани на С. Македонија’. Оваа државна компанија има склучено четири договори, во вкупна вредност од 212.171.080 денари (3,4 милиони евра)“, се наведува во извештајот.
Во првите шест месеци од 2023 година, од вкупно објавените 11.930 огласи за јавна набавка, најниската цена била користена како критериум за избор на најповолна понуда во 95 отсто од нив. Изборот на најповолната понуда врз основа на најдобриот однос на цената и квалитетот, пак, бил користен само во 646 набавки, а во една постапка е користен критериумот трошоци со примена на пристап на исплатливост.
„Ваквото постапување на институциите не е во согласност со начелата за економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства според членот 4 став 2 од Законот за јавни набавки, според кој договорниот орган ги спроведува јавните набавки на начин што ќе обезбеди соодветен квалитет на предметот на набавка во однос на неговата намена и вредност“, се посочува во извештајот.
И покрај широкораспространетата корупција во јавните набавки, секторот за контрола во Бирото за јавни набавки наместо да се зголемува, се намалува, а за три години бројот на вработени во овој сектор, кој се состои од одделение за управна контрола и одделение за претходна контрола, е намален од 12 на осум вработени. Како позитивно во овој поглед, пак, се наведува зголемениот број на управни контроли на тендерите, од кои некои биле избрани и врз основа на процена на ризиците од прекршување на одредбите од законот.