Потпретседателот на „Лукоил“, Виталиј Владимирович Робертус, ненадејно почина на 54-годишна возраст, се наведува во соопштение од компанијата.
Веднаш по завршувањето на студиите, Робертус почнал да работи во „Лукоил“ како економист. „Во текот на повеќе од 30 години работа во 'Лукоил', тој ја стекна почитта од своите колеги не само во компанијата туку и во индустријата во целина. Добитник е на државни и ресорни награди за успех во развојот на домашното гориво и енергетскиот комплекс“, се додава во соопштението.
„Украинска правда“ пишува дека тој е четврти висок менаџер на „Лукоил“ што починал во последните две години. Владимир Некрасов, претседател на Одборот на директори на „Лукоил“, почина во октомври 2023 година од срцева слабост.
Некрасов застана на чело на „Лукоил“ откако Равил Маганов, неговиот претходник, почина при пад од прозорец на Централната клиничка болница во Москва во август 2022 година. Александар Суботин, поранешен генерален директор на компанијата, почина во мај 2022 година, а неговото тело беше пронајдено во приватна куќа. Истрагата утврди дека и Суботин починал од срцева слабост.