Осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“ (од моделите AW169 и AW149M) ќе бидат набавени за потребите на македонската армија. Вредноста на леталата ќе изнесува 230 милиони евра, а ќе се плаќа сукцесивно на четири рати. Првата рата ќе биде исплатена годинава и е во износ од 16 проценти од вкупната вредност на набавката.
Како што информира на брифинг министерката за одбрана Славјанка Петревска, изборот е направен во согласност со долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година и плановите на армијата за обновување на воздухопловната компонента.
Таа потенцира дека постапката за изборот на компанијата е започната по оглас објавен во 2019 година, за што бил формиран интегриран проектен тим составен од експерти во Министерството за одбрана и aрмијата.
Министерката објасни дека била спроведена фаза на истражување на пазарот, за што биле реализирани голем број работни состаноци и посети на компаниите кандидати за набавка на новите хеликоптери, во чии рамки биле извршени и демонстративни летови со потенцијалните нови хеликоптери.
По собирањето на сите податоци, била извршена сеопфатна и објективна анализа на понудените платформи преку различни аналитички матрици.
Критериумите според кои се вршени анализите, како што беше истакнато на брифингот, биле во однос на цената на набавката, техничкото одржување и техничката поддршка, достапноста на резервни делови, животниот век на леталата и нивната модуларност и интероперабилност со НАТО-членките.
„Во фазата на истражување на пазарот и споредба на алтернативите, интегрираниот проектен тим одлучи да препорача да се пристапи кон набавка на хеликоптери од компанијата 'Леонардо хеликоптерс'“, изјави Петровска.
Таа потенцира дека во пакетот на набавката влегува и обука на пилотски и технички персонал, како и достапност за симулатори за обука, а ќе биде обезбеден и хангар во кој ќе бидат сместени новите воени воздухоплови.
Првиот хеликоптер ќе пристигне во втората половина на 2026 година, а целата испорака ќе биде извршена заклучно со 2028 година.
На конкурсот за избор на компанија пристигнале четири понуди, и тоа, покрај „Леонардо хеликоптерс“, и понуди од германско-француски конзорциум, компанија од САД и од Канада.