Малку познат дански производител на лекови доби формално одобрение во Европската унија за неговата вакцина против мајмунски сипаници, откако Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата за глобална здравствена вонредна состојба.
Вакцината против мали сипаници на компанијата „Баваријан нордик“ (Bavarian Nordic А/S), „имванекс“ (Imvanex), доби дозвола да биде означена и за мајмунски сипаници, соопшти денеска данскиот производител на вакцини. Зголемувањето на опсегот на делување доаѓа по слични одобренија во Канада и САД. Акциите порасна за цели 10 отсто во тргувањето во Копенхаген.
Глобалното појавување на мајмунски сипаници, кое се прошири на околу 16.000 луѓе во повеќе од 70 земји за само неколку месеци, беше издигнато на највисокото ниво на тревога на СЗО во текот на викендот, откако шефот на организацијата ги прогласи за вонредна состојба за јавното здравје од меѓународни размери - прв таков аларм по коронавирусот и формален чекор што помага да се насочат повеќе ресурси за да се спречи избувнување.
„Баваријан нордик“ денеска соопшти дека европското одобрение, за кое вообичаено би биле потребни шест до девет месеци, е обезбедено приближно по еден месец откако компанијата поднела барање. Оваа вакцина во блокот првично беше одобрена за мали сипаници во 2013 година.
Компанијата веќе потпишала неколку нарачки за вакцини со земји кои го користеле производот без официјалната одредница. Нејзините акции добија повеќе од 150 отсто од средината на мај, кога го објави првиот таков договор. Нејзината проценка за приходите за 2022 сега е повеќе од двојно поголема од она што го предвиделе претходно годинава.
„Одлуката на СЗО ја зголемува можноста за дополнителни владини нарачки за 'имванекс', единствената достапна вакцина во моментот“, напиша Питер Вердулт, аналитичар во „Ситигруп“ (Citigroup). Тој процени дека најмалку 50 отсто од капацитетите за производство на вакцини на „Баваријан“, кои се 30 милиони дози, може да бидат распределени за вакцината.