Парламентот на Швајцарија го отфрли предлогот владата да ѝ се приклучи на оперативната група за санкции против Русија, предводена од САД, со образложение дека соработката со телото како независна страна е доволна.
Комитетот на Групата седум има задача да го замрзне и заплени рускиот имот што потпадна под санкциите наметнати од Европската Унија и од САД поради руската инвазија на Украина. Швајцарија досега се спротивставуваше на притисокот официјално да ѝ се приклучи на работната група, велејќи дека веќе е во редовен контакт со земјите и дека соработката функционира добро.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Три знаци можеби сигнализираат подобри времиња во Македонија
По три години во криза, предизвикана од пандемијата на ковид-19, а пролонгирана од енормниот раст на цените на енергентите и вжештената инфлација, три знаци најавуваат дека македонската економија конечно закрепнува. Имено, во Македонија има тренд на намалување на бројот на згаснати фирми, паѓа бројот на блокирани депоненти правни лица и има мало намалување на каматите на корпоративните кредити.
Доколку нема значителни потреси, голема е веројатноста Народната банка да почне со олабавување на монетарната политика уште во јуни годинава, што ќе биде сигнал и за намалување на каматите на кредитите што банките им ги издаваат на македонските компании и, секако, ќе биде позитивен чекор односно ќе го намали финансискиот товар на бизнисите и ќе поттикне економски раст.
Цената на месото нагоре, месната индустрија пред колапс
Во пресрет на Велигден, килограм јагнешко месо во месарниците чини околу 600 денари. Вообичаено, до празникот, како што расте побарувачката така ќе расте и цената. Таа се очекува да стигне до 700 денари за килограм. Лани пред Велигден килограм јагнешко месо чинеше околу 550 денари.
Во Македонија минатиот месец цената на месото се зголеми за 1,7 отсто споредено со февруари. Ваков забрзан раст последен пат статистиката забележа пред повеќе од една година. На годишно ниво цената на месото се зголеми за 2,1 отсто.
Производството на месо во земјава се намалува и тоа е уште еден од проблемите што се додаваат на долгиот список што го имаат компаниите од секторот.
Народната банка ја задржа основната стапка на ниво од 6,30 проценти
Комитетот за оперативна и монетарна политика на Народната банка на последната седница оцени дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата и дека следствено на тоа каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30 проценти, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена на нивоата од 4,20 и 4,25 проценти, соодветно.
Оттаму додаваат дека во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика е ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии.
Скапите кредити подолго време ќе го мачат бизнисот
Во Македонија сè уште нема терен за намалување на каматните стапки, смета дел од стручната фела коментирајќи ги досегашните движења на монетарната политика и идните потези на Народната банка.
Според Синиша Наумоски, претседател на Академскиот совет на Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ), главен ризик на глобално ниво се геополитичките тензии меѓу Израел и Иран, а на домашен терен инфлаторен притисок носи растот на платите.
„За пад на каматите може да се размислува при крајот на летниот период. Да не заборавиме дека кај нас имаме два изборни процеса и можности од ризици при зголемување на платите, кое го најавуваат двете најголеми политички чинители. Од друга страна, важно е што банкарскиот сектор е суперстабилен и профитабилен. Ние имаме адекватност на капитал како македонски банкарски систем над 18 отсто или точно 18,1 отсто, тоа значи дека во 17 години македонските банки се најсилни и стабилни во овој момент“, вели Наумоски.
Бајден предлага повисоки царини за кинескиот челик и алуминиум
Американскиот претседател Џо Бајден повика на зголемени царини за кинескиот челик и алуминиум во обид да го зајакне американскиот челичен сектор и да им се додвори на работниците во годината на претседателски избори во САД.
Тој во средата говореше на зголемување на тарифите според членот 301 од Законот за трговија, кој опфаќа широк спектар на кинески челик и алуминиум - имено, производите што подлежат на царини од 0 проценти или 7,5 проценти треба да подлежат на тарифи повисоки од 25 проценти. Стапките на производите што веќе подлежат на царина од 25 отсто нема да се менуваат.
Бајден главно ги задржа тарифите за Кина наметнати од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, а неговата администрација продолжува со понатамошна ревизија.