Одливот на работници, кој е еден од најголемите товари на стопанството, се очекува значително да се почувствува во летниот период поради заминувањето на работници на сезонска работа надвор од границите на Македонија. Македонските работници се позиционираат високо и на листите по бројот на работни дозволи за странци и на словенечкиот пазар на трудот. Компаниите имаат потреба и од поволно финансирање, анализиравме кога ќе паднат каматите во регионот Адрија.
Во продолжение се петте графикони кои ја обележаа оваа недела.
Пад на просечната плата и во февруари
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2024 година изнесува 39.276 денари, информираат од Државниот завод за статистика (ДЗС). Ова е намалување во однос на претходниот месец, кога изнесуваше 39.542 денари. Во јануари просечната плата се намали од речиси 40 илјади денари (39.998 денари), колку што беше во декември 2023.
„Ваквото зголемување се должи пред сѐ на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (25,4 отсто), административни и помошни услужни дејности (22,8 отсто) и уметност, забава и рекреација (20,3 отсто)“, посочуваат од ДЗС.
Компаниите и работниците сè уште ја туркаат медијацијата во втор план
Министерството за правда во 2016 година го воведе регистарот на предмети во кој медијаторите во согласност со закон имаат обврска да ги внесуваат сите предмети, без разлика дали спорот меѓу страните е решен или не. Досега се регистрирани 5.123 предмети, од кој 2.390 се успешно решени.
Најголем број на предмети има во трговските спорови, каде што во согласност со Законот за парнична постапка е предвиден задолжителен обид во медијација, пред поведување на судската постапка за спорови до милион денари помеѓу две правни лица, потоа следуваат работните спорови, кои се однесуваат на парични побарувања од работен однос. Медијаторите најлесно ги решаваат споровите меѓу работодавците и нивните вработени.
ББА-анализа: Бизнисот со обновливи извори на енергија профитабилен, Македонија заостанува
Обновливите извори на енергија забележаа извонреден раст во изминатата деценија, при штокапацитетот за производство енергија од ветер и сонце се зголеми со годишна стапка од 13 и 26 отсто (соодветно) на глобално ниво. Во регионот Адрија во 2023 година капацитетите достигнаа 2,3 GW за сончева енергија и 1,9 GW за енергија од ветер, што е за 687 и 455 отсто повеќе од пред десет години, се наведува во најновата анализа на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ што се однесува на производството на енергија од сонце и ветер.
Според податоците што ги зеле предвид нашите аналитичари, Хрватска е лидер во регионот Адрија по големината на инсталираните ветерни електроцентрали, кои во 2022 година придонесоа со 18 отсто во вкупното нето-производство на електрична енергија.
Граѓани и фирми лани жртви на измамнички трансакции во над 5.400 случаи
Точно во 4.880 случаи, физички лица и во 527 случаи, правни лица корисници на платежни картички од домашни даватели на платежни услуги лани биле жртви на измамнички иницирани платежни трансакции, од кои најголем дел поврзани со трансакции на места за онлајн продажба, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Станува збор за трансакции со вкупна вредност од 12,8 милиони денари (208.000 евра) преку картички на физички лица и со вредност од 3,2 милиони денари (52.000 евра) преку картички на правни лица.
Статистиката на Народната банка ги вклучува бројот и вредноста на измамнички иницираните платежни трансакции пратени од немонетарни финансиски институции преку давателите на платежните услуги во државата. Поделбата на податоците за измамнички иницираните платежни трансакции е направена според платежните услуги
Со срамење треба да го славиме Денот на планетата Земја во Македонија
Бројни проблеми и недостатоци, идентификувани преку различни проекти, студии и плански документи се евидентни во областите на животната средина во Македонија, според последната публикација „Статистика на животната средина 2024“.
Државниот завод за статистика во публикацијата констатира дека меѓу главните недостатоци во оваа област се недостигот од регионални интегрирани системи за управување со комунален цврст отпад и системи за управување со посебни видови отпад, вклучувајќи го и опасниот отпад.