Прв чартер-лет на шпанската национална авиокомпанија „Иберија“ (Iberia) од Мадрид викендов слета на меѓународниот аеродром во Скопје и донесе 120 шпански туристи во Македонија, вклучувајќи и шпански блогери, кои ќе ја истражуваат земјава во следните неколку дена, објави на својата фејсбук-страница операторот на аеродромите во државава, „ТАВ Македонија“.
„Овој лет е резултат на соработката на домашниот туроператор ’Балкан прајм турс’ (Balkan Prime Tours) и шпанскиот туроператор ’Сама травел’ (Sama Travel). Станува збор за пробен лет, кој е плод на иницијативата и активностите на ’ТАВ Македонија’ и македонскиот туроператор ’Балкан прајм турс’ во изминатите неколку години, со цел отворање директни летови до Шпанија. Со овој лет на ’Ибериjа’, шпанските туристи ќе ја запознаат Македонија како туристичка дестинација, со цел да се создаде побарувачка за авионско поврзување меѓу Скопје и Мадрид и од страна на Шпанците, а врз основа на тоа авиокомпанијата ’Ибериjа’ следната година да отвори сезонски летови до шпанската престолнина“, појаснуваат од ТАВ во објавата.
За пристигнувањето на шпанските туристи и блогери и првиот чартер-лет во соопштение информира и македонскиот дојдовен туроператор „Балкан прајм турс“.
„Ова е резултат на активностите на ’Балкан прајм турс’ во изминатите неколку години, на контакти со нашите колеги во Шпанија, со што се надеваме дека ќе ја направиме Македонија атрактивна дестинација за шпанските туристи и дека тие во иднина ќе доаѓаат во што поголем број“, наведува во пишана изјава Влатко Сулев, оперативен директор на „Балкан прајм турс“.