Четиринаесет лица се повредени синоќа по судирот меѓу товарен и патнички воз во подземен тунел во Белград. Четворица од повредените се во потешка состојба. До судирот, според српскиот министер за транспорт Горан Весиќ, дошло откако еден од возовите поминал на црвено.
„Возот „Беовоз“ помина низ заштитното светло и удри во товарниот воз кој чекаше дозвола да се движи кон станицата Овча. Машиновозачот, контролорот и двајца патници се пренесени во Ургентниот центар“, изјави Весиќ.
Според официјалните информации, до судирот дошло на оддалеченост од 400 метри од влезот во тунелот.
Министерот за транспорт Горан Весиќ изјави дека деталите за несреќата ќе се знаат кога Комисијата „Железничка инфраструктура на Србија“ ќе објави официјален извештај, кој се очекува во текот на денешниот ден.