Папата Франциск беше принуден да се извини откако, наводно, употребил навредлив термин за да посочи на геј мажи што сакаат да станат свештеници, нагласувајќи го длабоко сложениот однос што Католичката црква го има со ЛГБТК (LGBTQ) заедницата.
Франциск (87) наводно им рекол на епископите што се собрале минатата недела во Рим да не примаат хомосексуалци во семинариите, означувајќи ги со крајно навредлив термин, објавија италијанските медиуми, вклучувајќи ги „Кориере дела сера“ (Corriere della Sera) и „Ла република“ (la Repubblica), доцна во понеделникот, цитирајќи неименувани извори што присуствувале на состанокот зад затворени врати.
Откако започна неговото папство во 2013 година, Франциск беше помек кон заедницата од неговите претходници, при што за односот доби и пофалби и критики од католиците.
Некои извештаи се однесуваат на јазичното прашање зад најновите коментари на папата, сугерирајќи дека Франциск, чиј мајчин јазик е шпанскиот, можеби не бил свесен за точната нијанса на италијанскиот збор што го искористил.
Прес-службата на Ватикан во вторникот соопшти дека понтифот им се извинува на оние што „се почувствувале навредено“ и дека е запознаен со извештаите за наводниот инцидент.
Франциск рекол дека има „простор за сите во црквата, за секого!“, се наведува во соопштението. „Никој не е бескорисен, никој не е вишок, има простор за сите какви што се“, нагласил тој.
Ватикан соопшти дека папата никогаш немал намера некого да навреди или да употреби хомофобични термини.
Набрзо по почетокот на неговиот мандат, Франциск рече: „Кој сум јас да судам?“, на прашањето дали има геј лоби во Ватикан. Тој исто така направи увертира за правата на жените, но застана кај можноста жени да бидат ракоположени.
Сепак, медиумската бура во понеделникот истакна колку е далеку црквата од тоа да дозволи потолерантниот пристап да стане нејзина вистинска доктрина и колку е длабоко сложен односот на Ватикан кон ЛГБТК-луѓето.
Во еден неодамнешен пример, понтифот сигнализираше револуционерна отвореност велејќи дека свештениците треба да можат да благословуваат истополови двојки во одредени случаи, што е една од најпрогресивните забелешки на Ватикан досега.
Но најавата доведе до жестоки реакции, при што Светиот Престол појасни дека секој таков потег нема формално да го загрози традиционалниот став за истополовите бракови, на кои црквата жестоко се противи.
Со сè помал број свештеници, прашањето дали католичките семинарии треба отворено да примаат хомосексуалци не е ново, а папата во 2018 година наводно рекол дека „и најмал сомнеж“ дека семинаристот е геј би бил доволен за да се блокира неговиот прием.
Франциск и досега имаше контроверзни изјави. Претходно годинава изгледаше дека сугерира оти Киев треба да се предаде по руската инвазија на Украина во 2022 година и дека треба да се обиде да преговара за мир со Москва. Тој потоа брзо ги појасни своите забелешки, истакнувајќи дека ги осудува сите војни.