На денешната седница на ЕЦБ, аналитичарите на „Блумберг Адрија“ очекуваат почеток на циклусот на намалување на каматните стапки. ЕЦБ е многу веројатно да ги намали референтните каматни стапки за 25 базични поени.
Според нашите аналитичари, стабилизирањето на стапките на раст на инфлацијата ќе биде главниот двигател на ваквата одлука.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
За технологија во градежништвото немаме луѓе
Ако пред 50 години Македонија важеше за земја во која во која работната сила од градежниот сектор самостојно настапуваше на пазарите во послабо развиените земји сега сликата е промената. Во последните години миграцијата на квалификуваната работна сила кон западните земји е поинтензивна, а градежните компании се борат да го заменат постоечкиот пазар со увоз на евтина работа сила која не остава простор за развој и учење на нови технологии.
„Миграцијата придонесува градежниот сектор во земјава да тапка во место, наместо да се унапредува и да ги прифаќа новите технологии. Покрај миграцијата ако сакаме технолошки напредок мора да најдеме начин да ги промениме материјалите кои го користиме за градење...“, вели за „Блумберг Адрија“, Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво при Стопанската комора на Македонија.
Воведувањето на ЕСГ стандарди не е спринт, туку маратон
Македонските компании срамежливо се движат по патот на имплементацијата на ЕСГ стандардите.
А во време кога ЕСГ станува „новото нормално“, компаниите што ќе заостанат во воведувањето на стандарди за одржлив развој допрва ќе се соочат со проблеми како отежнат пристап до финансии и пласман на меѓународните пазари.
Парите или профитот не се веќе главниот показател за успешноста на една компанија. Сè поголем фактор за добар имиџ, конкурентност и успешност во работењето на долг рок е воведувањето на стандардите за одржлив развој или ЕСГ практиките, посочува во интервју за „Блумберг Адрија“, Зоран Мартиновски, основач и претседател на „Прајм Блу Институт“.
Сноуден: Обидот за регулација на ВИ ќе го задуши нејзиниот потенцијал
Свиркачот Едвард Сноуден предупреди дека владите и корпорациите се обидуваат да наметат контрола врз вештачката интелигенција, што потенцијално ќе ја направи технологијата што брзо се развива помалку корисна.
„Сведоци сме на раѓање на дете со сосема нова свежа технологија и веќе гледаме како врколаците почнуваат да кружат“, рече Сноуден на настанот „Супер еј-ај“ (SuperAI) во Сингапур преку видео повик во средата.
Сноуден изрази загриженост за зголемената контрола на сопствениците на технолошките платформи, како што е „Алфабет“, врз содржината на вештачката интелигенција. Ризикот е луѓето да се обидат да ја „инјектираат својата политика во моќни модели и потоа да ги наметнат“, рече тој.
Почнуваат европските избори
Денеска почнуваат изборите за Европскиот парламент кои ќе траат до 9 јуни. Според проценките на Евростат односно Националните статистички институти на земјите-членки на ЕУ, на изборите најголем број на гласачи со право на глас се очекуваат во Германија (65,1 милиони лица), Франција (50,7 милиони) и Италија (47,3 милиони). Најмали бројки се очекуваат во Малта (0,4 милиони), Луксембург (0,5 милиони) и Кипар (0,7 милиони).
Кога станува збор за лицата кои ќе гласаат прв пат, највисоки бројки се очекуваат во Германија (5,1 милион лица), Франција (4,5 милиони) и Италија (2,8 милиони). Најмали бројки се очекуваат во Малта (26.000 лица), Кипар (59.000) и Естонија (70.000).
Зошто банките денес се толку здодевни и зошто тоа им се допаѓа?
Политичарите и академиците долго време тврдат дека регулаторите треба да ги принудат банките да бидат што помалку интересни. По минатогодишните колапси на неколку земодавци во САД, демократската сенаторка од Масачусетс, Елизабет Ворен изјави за Си-ен-би-си (CNBC) дека сака банкарството да се врати „каде што треба да биде, а тоа е здодевноста“.
Лев Менанд, вонреден професор на Правниот факултет Колумбија, вели дека банките треба да се третираат како комунални претпријатија. Сепак, дерегулацијата која започна во 1980-тите им овозможи на банкарите да градат мрежи низ целата земја и да се обидат да го зголемат профитот со правење поризични облози на пазарот. „Нема да се разбудите еден ден и да се грижите дека вашето електростопанство ќе пропадне“, вели Менанд. „Некогаш така беше и со банките“.