Во новиот шести инвестициски пакет во рамките на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, кој се очекува да изнесува 1,2 милијарда евра, се предвидени инвестиции во осум проекти за водоснабдување и канализации, третман на отпадни води, за железничкиот транспорт, како и за зелена трансформација на малите и средните претпријатија.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Наша анализа за феноменот „Енвидија“: Купи ја гласината, продај ја веста
Двоцифрениот пад на вредноста на акциите на „Енвидија“ (Nvidia) неодамна дојде како изненадување за светската инвеститорска јавност и отвори прашалници за многумина што сакаа набрзина да заработат од подемот на оваа компанија, базиран на технологијата за вештачка интелигенција.
Слична приказна пред извесен период имаше и кај биткоинот, кој достигна рекордни вредности за потоа да доживее вртоглав пад, што ги стави во недоумица инвеститорите околу иднината на најпознатата криптовалута. Од друга страна, се зголемува бројот на инвеститори што своите средства ги пласираат во ЕТФ-ови базирани на акциите на „Енвидија“ и другите технолошки гиганти и на „биткоин“. Имено, според „Блумберг“, во фондовите со кои се тргува преку берза годинава се слеале 400 милијарди долари, најмногу во последните три години.
На европската индустрија ѝ е потребна дигитализација за да стане поконкурентна
Европа е еден од најиновативните, најбезбедни и најнапредни региони во светот, но тоа не е доволно. Стариот Континент, според клучните показатели, заостанува зад САД и губи во трката со Кина. Според податоците на Евростат, БДП по жител во ЕУ е за 27 отсто понизок споредено со САД. Ова главно се должи на тоа што европските компании заостануваат во поглед на нивните капацитети и перформанси во споредба со американските.
Вложувањата во истражување и развој кај европските компании во периодот од 2015 до 2022 година е речиси за двапати помало отколку кај американските, нивните инвестиции се за 1,6 пати помали, а растот на приходите за 1,5 пати помал. Кога станува збор за Кина, пак, земјата троши од два до пет проценти од БДП на сопствени индустриски политики. Европа и тука заостанува, троши еден отсто од БДП за таа намена.
Зелената транзиција на опасно патување низ „долината на смртта“
Забрзувањето на климатските промени го принудува човештвото повторно да се замисли како и од кои извори користи енергија, како се храни, ги загрева домовите, го искористува земјиштето и слично. Тоа исто така поттикнува да се преиспита како инвеститорите и банкарите ги финансираат компаниите што развиваат критична зелена технологија.
Индустриите што треба да напредуваат во оваа фаза од енергетската транзиција - батерии, зелен водород, „чист“ челик - се квадратни клинови што не се вклопуваат во тркалезната дупка на пазарите на капитал. Вторите се добро приспособени за компании со лесни средства, но непријатни за енергетски бизниси со интензивни капитални средства. Како резултат на тоа, многу ветувачки иноватори на зелена технологија не добиваат доволно пари - и умираат на крајот.
Најголемиот пензиски фонд во Австралија се префрла на акции поради технолошкиот бум
„Австралијан супер“ (AustralianSuper), најголемиот пензиски фонд во земјата, ги префрла парите во акции со очекување дека вештачката интелигенција ќе поттикне дополнителни придобивки во технолошките акции.
Фондот од 335 милијарди австралиски долари (223 милијарди американски долари) ја започна новата финансиска година со прекумерна тежина од 5-6 отсто во акции, рече главниот директор за инвестиции Марк Дилејни во интервју. „Австралијан супер“ префрли пари од портфолијата со фиксна камата и готовина за да ја прошири својата глобална и домашна распределба на акции на околу 55 отсто од портфолиото, позиција што очекува да ја задржи или „евентуално“ да ја зголеми.
Клучните пораки од централните банкари од Синтра
Во Синтра (Португалија), како и секоја година, се одржа форумот на ЕЦБ посветен на централното банкарство, каде што на панелот за монетарната политика разговараа претседателот на Фед, Џером Пауел, претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, и шефот на бразилската централна банка Роберто Кампос Нето.
Пауел укажа на урамнотежена, но не особено оптимистичка перспектива за монетарната политика на САД, иако тој постојано го нагласува напредокот на централната банка во намалувањето на инфлацијата. Од Кристин Лагард нема такви вести, но даден е добар преглед на темите поради кои функционерите во Европа имаат непроспиени ноќи: треба внимателно да се следи инфлацијата поврзана со услугите, за да се осигури дека ЕЦБ не ги намалува каматните стапки побрзо отколку што е потребно, а исто така има и геополитички ризици што им се закануваат на економиите во источниот дел на блокот.