Нафтата е нестабилна по обидот за атентат врз републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, што доведе до политички ризик, но и поради третиот пленум на Комунистичката партија во Кина, кој започна во понеделникот.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Ниту една македонска општина нема инвестициски рејтинг: 12 се со блокирани сметки
Европската инвестициска банка за прв пат ќе инвестира во инфраструктурни и зелени проекти во Загреб. Градоначалникот на градот Томислав Томашевиќ и потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Тереза Червињска на почетокот на јули потпишаа договорот во вредност од близу 207 милиони евра.
Со парите ќе се градат градинки, училишта, станови по пристапни цени, нови пешачки и велосипедски патеки и базен. Покрај тоа, ќе се подобрува јавниот превоз, ќе се реновираат фасадите на јавните објекти, ќе се поставуваат фотоволтаици на нив. Целта е Загреб да биде прв хрватски град кој ќе биде дел од 100 европски градови кои се климатски неутрални до 2030 година.
Регион Адрија: Меѓусебно тргуваат, но сите се крстат во ЕУ и Германија
Има голем простор за проширување на трговската размена меѓу земјите од регионот Адрија (Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Словенија) со оглед на тоа што најголем дел од нивните извозно-увозни активности засега се насочени кон земјите од ЕУ, а пред се Германија која се јавува како еден од главните трговски партнери на сите земји од регионов.
Освен тоа, заедничко за повеќето држави е што преработувачката индустрија има главна улога во извозното и во увозното салдо и дека регионот станува значителен снабдувач на автомобилската индустрија. Анализиравме какви се трговските трендови во регионот во 2024 година.
„Настел“ продаде акции во „Реплек“: Каква е акционерската структура по поделбата на акциите?
Градежната компанија „Настел“ ДООЕЛ, која е втор најголем поединечен акционер, продала дел од акциите во фармацевтската компанија „Реплек“. Од „Реплек“ соопштија дека „акционер со над 5 отсто односно компанијата 'Настел' продаде 5 акции (пред поделба на акциите), со што по поделбата на акциите поседува вкупно 24.270 или 9,36 отсто од вкупниот број на акции“.
Инаку, поради одлуката за поделба на обичните акции издадени од „Реплек АД Скопје“ и намалување на номиналниот износ на акциите во сооднос 1:10 во петокот, минатата недела имаше привремен прекин со тргувањето на акциите издадени од компанијата. Тргувањето продолжи истиот ден, а Македонската берза на 7 јули го стави, па денеска го тргна друштвото од листата на набљудување.
Акцијата на „Епл“ во топ избор: Надградбата на ајфон е во прашање
„Морган Стенли“ (Morgan Stanley) ја прогласи акцијата на „Епл“ (Apple Inc.) за најдобар избор поради тоа што лансирањето на платформата за вештачка интелигенција на технолошкиот гигант предизвика рекорден интерес меѓу корисниците што сакаа да ги надградат своите паметни телефони, таблети и компјутери.
Аналитичарот Ерик Вудринг ја зголеми неговата прогноза за очекуваната цена на акциите на технолошкиот гигант на 273 долари, трета највисока цена меѓу аналитичарите следени од „Блумберг“, изјавувајќи дека „Епл интелиџенс“ (Apple Intelligence) има потенцијал да доведе до рекорден број надградби на уредите. Функцијата е „јасен катализатор“ за повеќегодишен циклус на надградба, напиша тој во белешката во понеделникот.
„Алфабет“ на чекор до својата најголема аквизиција
„Алфабет“, матичната компанија на интернет-гигантот „Гугл“, е сè поблиску до купување на стартапот „Виз“ (Wiz), пишува „Блумберг“, повикувајќи се на извори. „Виз“ работи на полето на сајбер-безбедноста, а вредноста на оваа зделка се очекува да биде 23 милијарди долари. Тоа ја прави најголема аквизиција на „Алфабет“ досега.
Договор, сепак, сè уште не е постигнат. Разговорите доаѓаат откако „Алфабет“ се повлече од купувањето на компанијата за управување со односи со клиенти „Хабспот“, објави „Блумберг“ минатата недела. Преговорите пропаднаа уште пред да стигнат до фазата на длабока анализа (due diligence).