Изминатава недела почна со историски пресврт. Американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека нема да бара реизбор по неколкунеделниот притисок од демократите за 81-годишникот да излезе од трката за да ги подобри нивните шанси да го спречат Доналд Трамп да се врати во Белата куќа. На сцената настапи потпретседателката Камала Харис како нов кандидат што ќе му се спротивстави на Трамп на ноемвриските претседателски избори во САД.
Истовремено бевме сведоци на најспектакуларниот ИТ-неуспех што го видел светот поради неуспешното ажурирање на софтверот од фирмата за сајбер-безбедност „Краудстрајк“ (CrowdStrike), кој урна безброј компјутерски системи на „Мајкрософт. Глобалниот ИТ-колапс беше почувствуван и во Македонија. Унгарската авиокомпанија „Визер“ (Wizz Air) ги повика патниците да пристигнат на аеродром најмалку три часа пред нивниот лет бидејќи се очекуваа потенцијални прекини поради тековниот проблем на глобалните ИТ-системи.
Прочитајте повеќе:
Македонија го губи најскапоцениот ресурс
Македонија го допре дното во производството на грозје и на вино
На домашен терен стигна веста дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2024 година изнесува 41.252 денара, што е зголемување во однос на претходниот месец, кога изнесуваше 41.085 денари. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2024 година во однос на мај 2023 година е зголемена за 13,1 отсто. Меѓутоа нашата анализа покажа дека е јалов порастот на платите во Македонија.
Имено, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, просечното домаќинство во Македонија во 2007 година околу 60 проценти од својата потрошувачка наменувало за задоволување на основните потреби за домување, храна и облека. Од друга страна, лани просечното домаќинство во Македонија наменувало околу 68,6 проценти од својата потрошувачка за задоволување на основните потреби.
Прочитајте повеќе:
За пет години „исчезнаа“ 165.000 лица од активното население во Македонија
Германија ги кани македонските студенти: Од 12 до 20 евра за час сезонска работа
На последната седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 6,30 проценти, а каматните стапки на депозитите прекуноќ и на седум дена на нивоата од 4,20 и 4,25 проценти, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Добра вест е што Македонскиот берзански индекс (МБИ 10) се најде меѓу првите топ пет берзански индекси во регионот ЕМЕА (Европа, Блискиот Исток, Африка) по остварениот принос од почетокот на годинава заклучно со 19 јули, според рангирањето на терминалот на „Блумберг“. Со остварен принос од 36,42 проценти, МБИ10 го зазеде четвртото место. На првите три места на листата на „Блумберг“ доминираат берзанските индекси што вклучуваат компании од Турција односно од истанбулската берза. На првото место е Dow Jones Turkey Titans 20 со остварен принос од 56,97 проценти, на второто место е BIST 30 Index со принос од 51,18 процент, а на третото место е BIST 100 Index со остварен принос од 48,76 проценти.