Како што се приближува крајот на Летните олимписки игри во Париз, така спортистите од целиот свет размислуваат за врвни достигнувања по годините непоштедно тренирање, посветеност и пожртвуваност. Последните денови од Игрите се обележани со интензивна конкуренција, бидејќи учесниците се борат за врвниот симбол на атлетската извонредност: олимписки медал. Ова достигнување е повеќе од само трка со часовникот или натпревар со конкурентите; тоа е патување што ја отелотворува самата суштина на олимпискиот дух.
За многу спортисти освојувањето медал е врв во нивната кариера, награда за безбројните часови поминати во усовршување на своите вештини, надминување на повредите и поместување на нивните физички и ментални граници. Олимпискиот медал означува личен триумф, национална гордост и универзална желба за постојано подобрување на човечките достигнувања. Тоа е момент што може да го трансформира спортистот во национален херој, да ги инспирира идните генерации да ги остварат сопствените соништа и да ги обедини луѓето во заедничка прослава.
Важноста на овие победи се протега многу подалеку од подиумот. Секој медал раскажува приказна за упорност, решителност и немилосрдна потрага по извонредност. Тие го истакнуваат единството што спортот може да го донесе, надминувајќи ги границите и поттикнувајќи дух на глобално другарство. Како што завршуваат Олимписките игри во 2024 година, светот ги слави не само победниците туку и колективниот човечки дух, кој се стреми кон величина, потсетувајќи нè на моќта и потенцијалот во секого од нас.
Прочитај повеќе
Олимпискиот златен медал вреди речиси илјада долари
Вистинската вредност на освојувањето медал лежи во долготрајните подготовки, пожртвуваноста, упорноста и умешноста.
27.07.2024
Со инвестиција од милион долари на ЛВМХ, нè очекува првата и вистинска олимпијада на луксуз
Француската „експертиза“ внесува гламур на престижниот настан.
24.07.2024
Зошто на Олимпијадата ќе се пие пиво без алкохол?
Најголемата светска пиварница одлучи на милијарди љубители на спортот да им рекламира производ без алкохол
15.06.2024
Медалите за Олимпијадата во Париз се направени од делови на Ајфеловата кула
Комитетот ја ангажираше продавницата за накит „Шуме“ (Chaumet), која работи во системот на луксузниот конгломерат на Бернард Арно.
01.03.2024
Сите овие симболики што ги носи олимпискиот медал нè поттикнаа во овој текст да ја заживееме славата на македонските олимпијци што низ годините се закитија со едно од највисоките одликувања во сферата на спортот.
Македонските спортисти на летните олимписки игри имаат освоено вкупно 14 медали во индивидуални или колективни спортови: две злата, шест сребра и шест бронзи. Многумина од нив ги освоиле медалите како претставници на поранешна Југославија во олимписките дисциплини, додека, пак, единствени медалисти по осамостојувањето во 1991 година се борачот Могамед Ибрагимов и таеквондистот Дејан Георгиевски.
Во продолжение, по хронолошки редослед, се наведени сите спортисти од Македонија на чии гради блеснал олимписки медал:
Благоја Видиниќ (11 јуни 1934 - 29 декември 2006), фудбалер
Тој ја претставувал Југославија како голман на Летните олимписки игри во 1956 (Мелбурн) и 1960 година (Рим), освојувајќи го сребрениот медал на првото и златниот медал на второто учество. Видиниќ исто така настапувал и на Европското првенство во 1960 година, кога Југославија завршила на второто место.
Благоја Георгиевски-Буштур (15 октомври 1950 - 29 јануари 2020), кошаркар
За југословенската репрезентација Георгиевски одиграл 124 натпревари и постигнал 388 поени.
Со репрезентацијата најпрво учествувал на Олимписките игри во Минхен во 1972 година, кога го освоиле петтото место. На следните Летни олимписки игри, во 1976 година, одржани во Канада, како член на југословенската кошаркарска репрезентација тој освоил сребрен медал.
Аце Русевски (30 ноември 1956), боксер
Аце Русевски сега е пензиониран македонски боксер, кој исто како и Георгиевски ја претставувал Југославија на Летните олимписки игри во 1976 година во Монтреал, Канада. Таму го освоил бронзениот медал во лесна категорија (- 60 кг), откако бил поразен во полуфиналето од Хауард Дејвис Џуниор од САД, кој потоа го освоил и златниот медал.
Шабан Сејдиу (6 мај 1959), борач
Шабан Сејдиу сега е пензиониран македонски борач, со албанско потекло, кој претставувајќи ја Југославија има освоено два медала на летни олимписки игри.
На 31 јули 1980 година бил освоен првиот медал во борење слободен стил на Олимписките игри. Тоа всушност бил бронзениот медал на Сејдиу на Олимпијадата во Москва во 1980 година. Сејдиу го повторил успехот и четири години подоцна, на Летните олимписки игри во Лос Анџелес, кога повторно го освоил бронзениот медал.
Азис Салиху (1 мај 1953), боксер
Азиз Салиху сега е пензиониран боксер, со албанско потекло, еден од плејадата квалитетни боксери што произлегле од школата на БК Скопје. Тој ја претставувал Југославија на Летните олимписки игри 1984 во Лос Анџелес, САД, и го освоил бронзениот медал во супертешка категорија (> 91 кг), по поразот во полуфиналето од Тајрел Бигс од САД. Салиху се натпреварувал и на Летните олимписки игри во 1980 година во Москва, Русија, и во 1988 година во Сеул, Јужна Кореја, каде што бил елиминиран во четврт-финалето.
Милко Ѓуровски (26 јануари 1963), фудбалер
Ѓуровски сега е пензиониран фудбалски напаѓач, кој играл за младинската и сениорската репрезентација на Југославија. Во составот на олимписката репрезентација во Лос Анџелес (1984) освоил бронзен медал. По осамостојувањето од 1991 година настапил неколкупати и за фудбалската репрезентација на Македонија.
Реџеп Реџеповски (14 декември 1962), боксер
Реџеповски сега е пензиониран македонски боксер во лесна категорија, кој освоил сребрен медал за Југославија во подвижна категорија (< 51 кг) на Олимписките игри во 1984 година во Лос Анџелес. Во финалето тој бил поразен од Стив Меккрори од САД.
Шабан Трстена (1 јануари 1965 година), борач
Шабан Трстена сега е пензиониран македонски борач во слободен стил, со албанско потекло. Тој освоил златен медал за Југославија на Олимписките игри во Лос Анџелес (1984), со тоа дополнувајќи го успехот што на натпреварувањето го постигнале Сејдиу, Салиху, Ѓуровски и Реџеповски.
Најсјајното одликување тој го освоил со неполни 19 години, со победа во финалниот дуел против Кореецот Ким Јонг Кју. Четири години подоцна, на Олимписките игри во Сеул, Трстена освоил сребрен медал.
Стојна Вангеловска (5 февруари 1964), кошаркарка
Вангеловска освоила сребрен медал на Летните олимписки игри во 1988 година во Сеул, како членка на кошаркарската репрезентација на СФРЈ.
Кошаркарките стигнале до финалето по полуфиналниот натпревар со Австралија, каде што плејмејкерските вештини на Вангеловска помогнале да го преземат водството и да завршат со победа во последните 5 секунди од натпреварот. Нејзината екипа му предизвикала големи главоболки и на фаворизираниот американски тим, но на крајот загубила во финалето, носејќи го среброто дома.
Могамед Ибрагимов (22 јули 1974 година), борач
Могамед Ибрагимов сега е пензиониран македонски борач, со потекло од Дагестан. На Летните олимписки игри во 2000 година во Сиднеј, Австралија, се натпреваруваше за Македонија и го освои третото место во борење во слободен стил, во категоријата до 85 килограми. Со тоа тој стана првиот медалист за Македонија како независна држава.
„Чувствував голема обврска и одговорност“, изјави тогаш Ибрагимов. „Знаев дека сите очекуваат од мене не само висок пласман туку и медал. Во мечевите влегов максимално концентрирано и подготвено да ги извлечам и послeдните атоми од силите – само да стигнам до пиедесталот“.
Дејан Георгиевски (8 мај 1999), таеквондист
Георгиевски се квалификува за Летните олимписки игри 2020, во категоријата +80 кг мажи, победувајќи го олимпискиот шампион од 2016 година Радик Исајев од Азербејџан, со 13-6, на Европскиот олимписки квалификациски турнир во Софија.
На Олимпијадата во Токио, Јапонија, во 2021 година Георгиевски се закити со сребро откако во финалето загуби со 15:9 од Русинот Владислав Ларин, најдоброрангираниот натпреварувач на турнирот.
На патот до финалето Георгиевски ги совлада актуелниот светски првак Рафаел Јуниер Алба Кастилјо од Куба со 11:8, репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане, со 9:4 и Кјо Дон Ин од Јужна Кореја со 12:6.
„Ние гледавме од борба до борба, можам да кажам слободно и од рунда до рунда. Не ни размислувавме за полуфиналето или за финалето, туку секоја борба ни беше како да се работи за животот и секоја беше финале. Затоа, кога стигнавме до финалето, јас немав чувство дека сум во финале, туку знаев дека сум дојден таму да ги победам сите и морам да го направам тоа и во таа борба. Немав некоја посебна еуфорија“, објасни Дејан во интервју дадено пет месеци по олимпискиот успех.
За жал, македонскиот таеквондист остана без олимписка норма и без можност да го брани сребрениот медал на Летните олимписки игри во Париз, откако беше елиминиран во четврт-финалето на европските квалификации во Софија.
Македонски претставници на Летните олимписки игри во Париз
Македонија има шестмина претставници на тековната Олимпијада. Знаменосци на македонската делегација беа маратонецот и наш најдобар атлетичар Дарио Ивановски и таеквондистката Милијана Рељиќ. Покрај знаменосците, нашиот спорт во Франција го претставуваат уште пливачот Никола Ѓуретановиќ, Анастасија Мојсовска во дисциплината спортско стрелаштво, џудистот Еди Шерифовски и борачот Владимир Егоров.
Во интервју непосредно пред почетокот на Олимписките игри, таеквондистката Милијана Рељиќ, која и покрај добриот настап во Париз не успеа да се пласира во полуфиналето, зборуваше што е потребно за добри резултати.
„За големи резултати, потребна е силна волја, пред сè дисциплина и да се тренира секојдневно. Да имаме одлични услови, барем спортска сала достапна во секое време за тренинзи. Ние имавме доста проблеми, кога училиштето не работи, немаме каде да тренираме. И нормално финансии. Многу имаме вложено и лични средства“, објасни во таа пригода Рељиќ.