За да може македонскиот спорт да парира на европскиот спортски пазар се потребни поголеми вложувања и од страна на државата, но и од приватниот сектор или компаниите.
На ова со години укажуваат и спортисти и голем дел од стручната фела, посочувајќи ги финансиските извештаи, кои покажуваат дека повеќето фудбалски и кошаркарски клубови едвај преживуваат, а вистинска реткост се оние што имаат приходи поголеми од милион евра.
„Иако настанал како некоја хумана дејност - спортот денес, во ова ново модерно време, претставува исклучително бизнис и затоа денес тој модерен професионален спорт може да егзистира единствено од финансиите. За жал, економијата во нашата држава не е на тоа ниво за да можеме исклучително да ги поддржиме сите спортски колективи што ги имаме во државата. На спортот катадневно му се потребни пари или финансии, а генералниот менаџмент во нашите спортски клубови се базира на тоа самите општини или, пак, државата да биде таа што ќе инвестира во клубовите, ќе ги подобрува клубовите, ќе прави развој, за да може аналогно на тоа клубовите рамноправно да се натпреваруваат, особено на европската спортска сцена, што, според мене и она што јас го истражувам, е нереално, бидејќи на професионалниот спорт му требаат многу финансии“, вели Иван Анастасовски, професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Блумберг Адрија ТВ
Тој посочува дека се неопходни и алтернативни извори на финансирање и поттик на приватниот сектор да инвестира во спортот.
„Во теоријата постојат два начина на финансирање - едниот е интервенистички, каде што државата или општините преку јавните давачки интервенираат или го помагаат спортот на некој начин, а другиот модел е неинтервенистички, каде што државата исклучиво создава клима, услови за приватниот капитал да биде тој што ги диктира односите во спортот, спортските федерации или спортските клубови. Јас лично, ако мене ме прашате, го преферирам вториот модел, оти во време на коронавирусот, кога имаше сериозен застој во инвестициите во спортот, се покажа дека спортот што се базира исклучиво на економските сегменти, параметри на приватниот капитал е поуспешен отколку оној спорт што се базира само на буџетите на државата или на општините“, вели професорот.
Анастасовски вели дека е важно да се овозможат олеснувања за компаниите што би вложиле во спортот, а и законски измени за подобро државно финансирањe на спортската инфраструктура.
Блумберг Адрија ТВ
„Јас предложив едно законско решение - да се интервенира во Законот за приредување игри на среќа во членот 79, од сите врзани компјутери во игрите на среќа, 25 отсто од врзаните финансии на кои државата има контрола се токму за таа намена. За жал, според она што јас го истражував, од тие 20 отсто од вкупните приходи што ги собира и профитот што го имаат приредувачите на игри на среќа се користат за некои социјални компоненти во државата, а многу мал процент, приближно 3-5 отсто се движат во спортот или во спортската инфраструктура. Тој процент мора да биде поголем. Другиот сегмент е како да ги мотивираме приватните инвеститори. Од тој аспект можеби е добро да се направат и измени во одредени даночни закони со кои ќе ѝ се дозволи на секоја приватна компанија што ќе инвестира во спортска инфраструктура, клуб, федерација, спортист, да има одредени олеснувања. Секако, тука се наметнува и ризикот од перење пари, меѓутоа државата може лесно да го контролира тоа“, вели Анастасовски.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...