Денеска се регистрирани два нови земјотреси во Јапонија. Едниот бил со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала во северниот и североисточниот дел на Јапонија. Вториот бил со интензитет од 6,5 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран и во Охотското Море, источно од брегот на рускиот остров Сахалин.
Засега властите не издадоа предупредување за цунами. Нема извештаи за жртви или материјална штета.
Земјотресот во северниот дел на земјата бил на длабочина од околу 490 километри под површината на морето.
Во четвртокот силен земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтер го погоди брегот на Мијазаки на јапонскиот југозападен остров Кјушу, предизвикувајќи предупредување за цунами, соопшти Метеоролошката агенција. Беа повредени 14 лица, а службите тогаш предупредија дека постои зголемена можност за нов силен земјотрес.
Стравот од земјотреси ја зголеми побарувачката во маркетите
По предупредувањето за нов силен земјотрес порасна потрошувачката во земјата поради што јапонските власти побараа од граѓаните да не складираат „прекумерни резерви“ на стоки за широка потрошувачка.
Министерството за земјоделство и рибарство во порака на социјалната мрежа Х го повика населението да избегнува да прави прекумерни резерви на основни добра.
„Подгответе резерва за три дена по лице“, советуваат од министерството.
Има недостиг на одредени производи
Супермаркети во Токио објавија известувања во кое им се извинуваат на клиентите за недостигот на некои производи. Се додава дека има одредени ограничувања за купување и дека флашираната вода веќе е ограничена поради „нестабилноста“ на снабдувањето.
Преносливи тоалети, конзервирана стока и флаширана вода утрово беа меѓу најпребаруваните ставки на веб-страницата на најголемата јапонска компанија за е-трговија „Ракутен“.
Некои продавници долж брегот на Тихиот Океан, исто така, пријавија голема побарувачка за слични производи поврзани со можната катастрофа, објавија локалните медиуми.