Германија издаде европска потерница за Украинец поради неговата наводна вмешаност во саботажа на гасоводите Северен тек во Балтичко Море, јавуваат германските медиуми. Германските инспектори веруваат дека извесен Володимир З. бил член на тимот што во септември 2022 година поставил експлозивни направи на трасата на гасоводот што пренесувал природен гас од Русија до Германија, објавија денеска германските медиуми. Германскиот закон не дозволува објавување на презимето на осомничениот.
Добро утро, ова се другите пет вести кои се важни за почеток на денот.
Дали зелената транзиција е меч со две сечила за Македонија и сиромашните земји?
Додека светот се трка кон зелена транзиција за борба против климатските промени, се јавува непобитна напнатост помеѓу глобалниот север и глобалниот југ. Преминот кон обновливи извори на енергија, одржливи практики и намалени емисии на јаглерод е од клучно значење за иднината на планетата. Сепак, оваа транзиција, иако е корисна на долг рок, може да има тешки и несакани последици за посиромашните земји.
„За земјите во развој оваа цел изгледа амбициозно и утопистички, но потребата за опстанок може да биде водич за реализација на целосниот круг на зелената транзиција“, вели за „Блумберг Адрија“ Мина Суботиќ, политиколог за меѓународни односи и експертка за еколошка политика.
Банките го олеснија кредитирањето, монетарните политики речиси без влијание
Во периодот од април до јуни банките ги олесниле условите за кредитирање и за компаниите и за домаќинствата. И во двата случаи олеснувањето доаѓа по подолг период, во случајот со корпоративните кредити дури од пандемската 2020 година.
За кредитирањето на фирмите олеснувањето дојде неочекувано, стои во најновата анкета на НБРМ за кредитната активност во вториот квартал. Овој тренд се очекува да продолжи и во третиот квартал и за фирмите и за домаќинствата.
Еврото се приближи до највисокото ниво годинава
Еврото се приближи на највисокото ниво во однос на доларот годинава, во услови на очекување дека Федералните резерви (Фед) ќе ги намалат каматните стапки повеќе од Европската централна банка (ЕЦБ) во наредните месеци.
Единствената валута порасна дури за 0,3 отсто, до 1,1029 долари, највисокото ниво од 2 јануари, бидејќи пазарите ги чекаа податоците за инфлацијата во САД за дополнителни докази дека Фед најверојатно ќе започне со олабавување на политиката следниот месец.
Инфлацијата во САД и натаму забавува, извесно е намалувањето на каматите
Базичната инфлација во САД забави четврти месец по ред (на годишно ниво) во јули, па Федералните резерви би можеле да ги намалат каматните стапки веќе следниот месец.
Индексот, кој ги исклучува нестабилните категории како храна и енергија од вкупната инфлација, во јули изнесуваше 3,2 отсто, што е најниско од почетокот на 2021 година. Цените во рамките на основната инфлација се зголемија за 0,2 отсто во текот на јули, што е малку побрзо од јунската стапка, што беше изненадување за аналитичарите.
Властите во САД размислуваат за расцепкување на „Гугл“ како антимонополска мерка
Необично решение за расцепкување на „Гугл“ (Google) на „Алфабет“ (Alphabet Inc.) е една од опциите што ги разгледува Министерството за правда, откако значајна судска одлука покажа дека компанијата го монополизира пазарот на онлајн пребарување, според луѓе добро упатени во ситуацијата.
Овој потег ќе биде првиот притисок на Вашингтон за разделување на компанија поради нелегална монополизација, по неуспешните обиди да се раздели корпорацијата „Мајкрософт“ (Microsoft) пред две децении. Полесните опции вклучуваат принудување на „Гугл“ да споделува повеќе податоци со конкурентите и мерки за да се спречи да стекне неправедна предност во производите со вештачка интелигенција, велат изворите, кои побараа да не бидат идентификувани бидејќи станува збор за приватни деловни разговори.