Туристичката сезона е при крај. Експертите во светот велат дека поради високите цени годинава луѓето шетале помалку споредено со годините по пандемијата. Ние следната недела ќе анализираме каква беше состојбата кај нас. Дали високите цени влијаеја на продажбата на аранжмани? Ќе провериме и каква е состојбата во туристичките места, дали и нашите хит дестинации се соочија со прекумерен туризам.
Инфлацијата останува во фокусот. Со неа ќе се занимаваат нашите аналитичари во најновиот регионален извештај, а ќе анализираме и какви очекувања имаат македонските потрошувачи по ова прашање. Според некои анализи, жените сметаат дека инфлацијата ќе биде повисока. Зошто?
Следното прашање со кое ќе се занимаваме се однесува на тоа како затегнатата монетарна политика влијае на банкарскиот систем. Ќе го анализираме и долгот. Процените за земјава се дека учеството на долгот што е изложен на ризик е малку под 30 отсто.
И натаму за долговите. Септемвриската пензија ќе биде повисока за македонските пензионери. Владата си го одржува предизборното ветување и линеарно ги зголемува пензиите. ПИОМ и пред покачувањето беше во минус, дали треба да бидеме загрижени за нашите идни пензии. Истражување кај Американците покажува дека половина од работниците на возраст од 44 до 59 години се плашат дали ќе можат да живеат со пензиите.
И летото е при крај. Ќе анализираме кои се опциите за претстојната зима, колку јаглен ќе ни треба за да останеме загреани.