Шведска го пријави првиот случај на инфекција со нова варијанта на мајмунски сипаници, што е и прв случај на новиот вид од овој вирус регистриран надвор од Африка.
Лицето се заразило додека престојувало во делот на Африка каде што се шири новата варијанта, соопшти Шведската агенција за јавно здравје.
„Овој случај не бара дополнителни мерки за контрола на инфекцијата, но појавата на мајмунските сипаници ја сфаќаме многу сериозно“, изјави државниот епидемиолог Магнус Гислен. „Ја следиме состојбата и постојано ќе оценуваме дали се потребни нови мерки“.
Прочитај повеќе
„Нордик“ може да обезбеди доволно вакцини против мајмунски сипаници
СЗО вчера прогласи вонредна состојба поради мајмунските сипаници
15.08.2024
Шведска претходно потврди околу 300 случаи на послаба варијанта на мајмунски сипаници, но досега немаше случаи од новиот вид. Според агенцијата, новиот вид во моментов не претставува ризик за општата популација.
Светската здравствена организација (СЗО) во средата го окарактеризира ширењето на мајмунските сипаници во Африка како глобална закана и разви регионален план за одговор на епидемијата, првично одвојувајќи 15 милиони долари.
Мутираниот вид на вирусот на мајмунски сипаници годинава зарази повеќе од 15.600 луѓе и уби повеќе од 500 во Демократска Република Конго (ДР). Министерот за здравство на ДР Конго, Роџер Камба, изјави дека на неговата земја ѝ се потребни 3,5 милиони дози од вакцината против мајмунски сипаници за да се запре епидемијата на вирусот, пренесе „Блумберг“ (Bloomberg).
Тој исто така изјави дека централноафриканската земја ќе мора да вакцинира околу 2,5 милиони луѓе за да го стави вирусот под контрола.
„Новата варијанта на болеста, која може да се пренесе и сексуално, има помалку симптоми од претходните варијанти, но се шири побрзо“, рече Камба. „Вакцините, од кои некои бараат повеќекратни дози, ќе чинат стотици милиони долари“, додаде тој.