Невремето со грмежи над Балканот и над Грција претставува ризик од поплави и громови што би можеле да предизвикаат повеќе шумски пожари, додека жештината продолжува да ја зафаќа јужна Шпанија, пишува „Блумберг“.
Има портокалови предупредувања за бура за грчките острови во Јонско Море, вклучувајќи го и Крф, додека поплави се пријавени во некои северни области, како што е Јанина. Речиси една четвртина од 44-те шумски пожари во земјата во текот на 24 часа, до 18:30 часот во неделата, беа предизвикани од гром на голема надморска височина, што го отежнуваше нивното гаснење. Загрозени се и големи делови од Северна Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово.
Добро утро, ова се петте вести важни за почеток на денот.
Колку платија Македонците за одмор: Бумот забави, цените и ратите во вис
Постпандемискиот туристички бум и официјално заврши. Економските податоци во САД покажуваат дека забавувањето на економијата придонесува граѓаните да ја зауздат желбата за патување и да ги стегнат ремените.
Побарувачката засега е сè уште здрава, но платите веќе не растат толку брзо и се повеќе домаќинства се борат да ги плаќаат високите кредитни трошоци.
Изум на Македонец: Како да ја заштитите околината и со омилената песна
Македонски канти за рециклирање што истовремено може да се користат и како џубокс го освојуваат регионалниот пазар. Авторот на овој изум Димитрија Ангелков за „Блумберг Адрија“ открива дека за софтверот веќе се заинтересирани инвеститори од Србија и Бугарија, а откако објавил промотивни видеа на Јутјуб, со него контактирале и бизнисмени од Грузија и Австралија.
Станува збор за роботски систем со вештачка интелигенција. Овој уред истовремено е и паметна канта, со автоматска селекција на отпад, и автомат што овозможува да си ја одберете омилената песна, но само кога ќе фрлите пластично шише. Плеј-листата во моментов содржи 300 рефрени, од македонски народни и староградски песни до светски рок-хитови, а во понудата нема турбофолк.
Пет графикони кои се важни за оваа недела
Кризата во челичната индустрија во Кина доведува до пад на цената на железната руда. Во меѓувреме, резервите на соја се на рекордно високо ниво во оваа азиска земја. Во САД, топлото лето ја зголемува побарувачката за природен гас.
Еве пет значајни графикони на светските пазари на стоки што треба да се земат предвид на почетокот на неделата.
Берзите во исчекувањето на следните потези на Фед
Акциите малку се поместија по минатонеделниот пораст на ризикот, бидејќи трговците очекуваат знаци за степенот на потенцијално намалување на каматните стапки од страна на Федералните резерви.
Договорите за S&P 500 беа малку променети. Акциите на европските одбранбени компании, вклучително и „Рајнметал“, паднаа по извештаите дека Германија повеќе нема да одобрува нови барања за помош на Украина, бидејќи владата се обидува да ги заузди трошоците.
Швајцарската народна банка со промени за банкарските депозити
Швајцарската народна банка (СНБ: од англиски – Swiss national bank) ќе го намали прагот на факторот за пресметка на камата на депозитите по видување – приспособувајќи колку камата заработуваат банките за депонираната готовина од 1 октомври.
Факторот што одредува кој дел од депозитите по видување на банките ја акумулира целосната каматна стапка на СНБ ќе се намали на 22 пати од нивната минимална задолжителна резерва од 25 пати, колку што е сега, се наведува во соопштението објавено во понеделникот.