Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на својата платформа „Трут сошл“ (Truth Social) објави дека започнува продажба на официјалната Трамп колекција на часовници. Достапни на страницата GetTrumpWatches.com, цените на овие часовници се движат од 499 до 799 долари за автоматските часовници со сребрен и златен тон до 100.000 долари за часовници од масивно злато и посложени компликации.
Сите часовници се во ограничено издание, а поевтините модели „фајтер“ (Fighter) се достапни во серија од 1.000 парчиња, додека секоја од трите поскапи линии „виктори турбијон“ (Victory Tourbillon) е ограничена на 147 нумерирани парчиња.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Финансиските друштва во Македонија уриваат рекорди
Со повеќе од 222.000 активни договори за кредитирање и други услуги за физички лица во вкупна вредност од 8,7 милијарди денари (142 милиона евра) заклучно со минатата година, финансиските друштва во Македонија можат да се пофалат со огромен и континуиран раст и успешно дополнување на празнините што на пазарот ги остава банкарскиот сектор.
На ниво на сектор, нето-добивката на финансиските друштва лани се зголемила за 64,6 проценти или 515 милиони денари (8,3 милиони евра).
„Финансиските друштва се еден од најдинамичните сегменти од финансискиот систем, чија актива во последните неколку години е во постојан раст. Во 2023 година средствата на овој сегмент се зголемија за 24 проценти, во чии рамки одобрените кредити (кои се главно кон физичките лица) пораснаа за 26 проценти“, наведуваат од Народната банка во извештајот за финансиската стабилност во 2023 година.
Македонската фондовска индустрија пораснала 50 проценти за една година
Растат нето-вредноста и приносите на домашните инвестициски фондови годинава, особено на акциските, покажуваат извештаите на Комисијата за хартии од вредност (КХВ) и на Македонската берза. Растот на светските берзи, но и на домашниот индекс МБИ 10, придонесе да пораснат приносите на домашните фондови што ги инвестираат средствата на своите клиенти во компаниски акции.
Па така, од почетокот на годинава, позитивни резултати за своите вложувачи имаат остварено сите акциски фондови што инвестираат на овој начин: трите најголеми фонда според вредноста на портфолијата, „ВФП Премиум акции“, „КБ Инвест-МБИ 10“ и „НЛБ Топ брендови“ (поранешен „Генерали“), имаат приноси од 13,2 проценти, 40 проценти и 11 проценти респективно (податоците се заклучно со 19 септември, преземени од сајтот на Македонската берза, н.з.).
Инфлацијата во еврозоната падна под 2 отсто за првпат од 2021 година
Инфлацијата во еврозоната се намали под целта на Европската централна банка (ЕЦБ) од 2 отсто за првпат од 2021 година - што ја зајакнува довербата на инвеститорите дека каматните стапки може да се намалат побрзо од очекуваното.
Потрошувачките цени се зголемија за 1,8 отсто во септември во споредба со претходната година, што е пад од 2,2 отсто во претходниот месец, додека енергетските трошоци значително опаднаа, објави „Евростат“ во вторникот. Овој резултат се совпадна со истражувањето на „Блумберг“ (Bloomberg), како и основната инфлација, која се намали на 2,7 отсто.
Овие податоци ќе ја зајакнат растечката увереност кај инвеститорите дека ЕЦБ ќе мора да ја олабави монетарната политика побрзо за да одговори на економијата што забавува и неочекувано брзата дезинфлација.
„Тапервер“ во стечај: Што кажува тоа за иднината на директната продажба?
Многу купувачи сè почесто се одлучуваат за купување преку интернет. На почетокот на стечајниот процес на американската компанија „Тапервер“ (Tupperware), која во минатото беше позната по продажба преку мрежен маркетинг (на англиски ќе го најдете терминот multi-level marketing), се поставува прашањето дали овој модел може да опстане.
По добрите години следуваа послаби за производителот на пластични садови со седиште во Орландо, Флорида. Купувачите се оддалечија од директниот маркетинг, прво преминувајќи во продавници, а со дигитализацијата и на интернет.
Се случи и пандемијата на ковид-19. Зголемената популарност на готвењето им донесе одреден раст, поради што продажбата на производите малку се подобри. Но следуваше и периодот по пандемијата, кога цените на суровините растеа, а притисокот врз трошоците за работна сила беше голем. Решенија за да излезат од спиралата што ги влечеше кон дното очигледно не пронајдоа, па се одлучија за стечај.
Фудбалот останува спорт за мажи, компаниите не вложуваат во женски екипи
Од над 10.000 деца што се натпреваруваат во Детската лига, само нешто над 300 се девојчиња. Лигата што ја организира Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е организиран систем на натпреварување за деца од 7 до 12 години.
Соодносот на момчиња и девојчиња во натпреварувањето покажува дека малку работи се сменети во земјава кога станува збор за женскиот фудбал од 2021 година наваму.
Тогашното истражување на УЕФА за македонскиот фудбал, кое го спроведе агенцијата „Нилсен“, покажа дека главна бариера за женскиот фудбал во Македонија е ставот на 41 отсто од испитаниците дека фудбалот е машки спорт. Европскиот просек за ова прашање е 20 отсто.
Покрај убедувањата, проблем се и парите. Слаб е интересот кај приватниот сектор да вложува во женски фудбал. Познавачите велат дека слабата посетеност на натпреварите и слабиот медиумски интерес се причина компаниите да не наоѓаат бенефиција за вложување.