Најмалку шест лица се повредени, а над 100 се извлечени од станбена зграда зафатена од голем пожар во скопската општина Чаир.
Според досегашните информации, пожарот почнал да се шири од подрумски простории во зградата, од каде што се издига густ чад. Во пожарот биле зафатени продавница и магацински простор.
Екипите на противпожарната бригада и на итната медицинска помош се на терен, а според првичните информации меѓу повредените нема лица со потешки повреди.
Според информациите што ги објави ТВ Телма, на најголем број од лицата им била укажана лекарска помош поради вдишување чад. Евакуацијата е отежната затоа што поради густиот чад е оневозможено станарите да бидат извлечени преку влезната врата на зградата. Извлекувањето се врши со посебни скали и станарите се евакуираат од терасите и од покривот на зградата.
Според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), еден пожарникар бил однесен на Токсикологија исто така поради големо количество вдишан чад.
Од ЦУК пренесуваат дека според информациите на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје во периодот од 01:50 часот гаснеле запален магацин на неутврдена површина на улица „Прохор Пчински“ во Скопје.
„Интервенцијата ја извршувале со 7 возила и 20 пожарникари. На лице место освен единици од БППЗ кои го гасат пожарот биле и полиција и Итна медицинска помош. Според утринскиот службен извештај од БППЗ, еден пожарникар бил однесен на токсикологија поради големо количество вдишан чад“, стои во соопштението од ЦУК.
Дополнуваат дека спроведена е интервенција за евакуација на станарите на зградата каде што е магацинот, а каде што потоа гореле и дуќани.
- Ажурирано со соопштение од ЦУК