Црвениот крст на Македонија повикува граѓаните и компаниите да донираат за настраданото население од невремето во Босна и Херцеговина.
Организација од своите резерви веќе издвои 10 000 евра првична помош и стапи во контакт со Црвениот крст на Босна и Херцеговина.
Согласно утврдените потреби, понудена е помош во материјално-технички и човечки ресурси за справување со последиците предизвикани од поплавите, соопшти македонскиот Црвен крст.
Сите заинтересирани правни субјекти и граѓани можат да донираат парична помош на сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за справување со последиците од пожарите.
Може да се донираат и 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1.
Средства во странска валута може да се уплатат на следниот начин:
NAME OF THE ORGANIZATION: RED CROSS OF THE REPUBLIC OF NORTH MACEDONIAN
BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE
BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO. 3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA
BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11
SWIFT CODE: KOBSMK2X
IBAN CODE: MK07300701000001228
„Ве повикуваме уште еднаш да ја покажеме нашата солидарниот да и им помогнеме на настраданите. Интензивните врнежи од дожд кои зафатија делови од БиХ предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, одземајќи човечки животи и огромни материјални штети. Повеќе од 20 станбени единици се целосно уништени, а животот и здравјето на стотици домаќинства се во голем ризик. Согласно досегашните информации изгубени се 24 животи и непознат број на исчезнати. Црвениот крст на Босна и Херцеговина, ги активираше сите расположливи капацитети, со цел спречување и ублажување на човековото страдање и заштита на животот, здравјето и човечкото достоинство. Согласно обемот и интензитетот на настаната катастрофа потребна е дополнителна помош и поддршка“, повика Црвениот крст.
Каменолом паднал врз село
Бројот на жртвите од поплавите во Босна и Херцеговина (БиХ) се искачи на 16, а многумина сè уште се водат како исчезнати. Најголема штета има во Доња Јабланица, каде над селото имало каменолом кој поради врнежите се поместил и ја затрупал населбата. Инспекторите и обвинителите ја испитуваат одговорноста.
Спасувачките екипи се на терен, ангажирани се воздухопловните сили, инженерските, службите за пребарување и спасување и пешадијата.
На прес-конференцијата на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон соопштија дека на ова подрачје загинале вкупно 13 лица, од кои едно лице во Бутуревиќ Поље во Коњиќ, а останатите 12 се пронајдени во Доња Јабланица. Три лица загинаа и во Фојница.
Состојбата во другите поплавени подрачја
Струја нема во поплавените подрачја во Фојница, а најголем дел од населението останува без вода за пиење.
Водата во Кисељак се повлече, за загрозените е организирано сместување во мотел, додека дел од нив наскоро ќе можат да се вратат дома, по чистењето.
Патни комуникации: Врската Сараево-Мостар сè уште е во прекин
Сообраќајот сè уште е во прекин на патните правци кои водат од Јабланица кон Мостар и Блидиње, се вели во новиот извештај на БИХАМК. Денеска (сабота) треба да се обезбеди комуникација меѓу Јабланица и Мостар, смета премиерот на ФБиХ.
На делницата од Коњиќ до Јабланица во моментов можат да возат патнички и товарни возила без приколки, како и товарни возила со приколки кои превезуваат хуманитарна помош.
Синоќа од 19 часот и 30 минути е овозможен сообраќај по една коловозна лента на магистралниот пат М-16.2 Јабланица-Прозор.
На регионалниот пат Р-408 Дрвар-Гламоч, поради оштетување на коловозот, забранет е сообраќај за возила над 7,5 тони до понатамошна најава (во функција се алтернативните правци).
Се одложуваат изборите во најпогодените места
Се одложува спроведувањето на локалните избори во општините во Босна и Херцеговина кои беа најпогодени од поплавите, одлучија денеска членовите на Централната изборна комисија, јави Хина.
Како што потврдија од ЦИК во Сараево, изборите ќе бидат одложени или подоцна ќе се одржат во Јабланица, Коњиќ, Кисељак и Крешево. Во наведените општини во недела нема да биде отворено ниту едно избирачко место, иако не сите делови беа подеднакво погодени од поројните поплави.
Во сите други делови на Босна и Херцеговина изборите ќе се одржат во согласност со претходните планови.