Кој е всушност Сатоши Накамото? Дали се работи за група или за личност? Ќе успее ли документарецот на платформата „Ејч-би-о“ (HBO) да разоткрие кој е таткото на биткоинот.
Филмот на Кален Хобак, наречен „Money Electric: The Bitcoin Mystery“, сугерира дека под псевдонимот Сатоши Накамото, анонимниот креатор на оригиналната криптовалута, најверојатно се крие канадскиот програмер Питер Тод. Тој го прашал Тод дали е тој творецот на криптовалутата. Тод ја отфрлил идејата и го нарекол предлогот „смешен“. Но, како и неколку луѓе во филмот, Тод во еден момент, навидум смеејќи се на идејата, вели: „Јас сум Сатоши Накамото“.
Добро утро, ова се останатите пет важни вести на денот.
Нов раст на банкарските провизии и надоместоци
Во државната каса заклучно со март годинава по два основа – административни такси и глоби и други административни такси влегле вкупно 1.421 милион денари. Во касите на македонските банки за ист тримесечен период по основ на надоместоци и провизии се слеале 251 милион денари повеќе (над 4 милиони евра).
Нето-приходите од провизии и надоместоци и натаму растат затоа што банките повторно вршат зголемување на сумите што ги наплатуваат по овој основ. Дел од банките веќе извршија зголемување на надоместоците со почетокот на четвртиот квартал, други пак веќе ги известија клиентите дека тоа ќе сторат од 1 декември. Меѓу нив и најголемите банки кои имаат најголем пазарен удел – „Комерцијална банка“ и „НЛБ Банка“, а Стопанска банка тоа го стори во првиот квартал годинава.
Кредитните картички бледнеат, граѓаните се фрлија на купување станови
Атрактивноста на кредитните картички се чини дека опаѓа, со оглед на тоа што задолженоста на граѓаните преку овој банкарски продукт во континуитет се намалува. Имено, во август граѓаните биле задолжени со кредитни картички во вкупен износ од 9,26 милијарди денари, односно 150,5 милиони евра.
Податоците на Народната банка (НБРМ) покажуваат дека во однос на јули 2024 година задолжувањето е намалено за 0,6 проценти, додека споредено на годишно ниво задолженоста преку кредитни картички бележи пад од 8,9 проценти.
Друштвата за лизинг во Македонија уриваат рекорди, ама какви?
Друштвата за лизинг во Македонија ќе ја запомнат 2023-та како година на рекорден број раскинати договори со правни и физички лица.
Имено, според податоците на Народната банка, лани биле раскинати 333 договори за лизинг со правни лица во вредност од 850 милиони денари (13,8 милиони евра) и 149 договори со физички лица во вредност од 216 милиони денари (3,5 милиони евра).
Таткото на вештачката интелигенција меѓу добитниците на Нобеловата награда
Еден од највлијателните академици во областа на вештачката интелигенција, Џефри Е. Хинтон, е награден со Нобеловата награда за физика за неговата работа на обука на вештачки невронски мрежи и поставување на темелите за денешните апликации за машинско учење.
Хинтон ќе ја подели наградата од 11 милиони круни (1,1 милион долари) со својот колега научник Џон Џ. Хопфилд, соопшти Кралската шведска академија на науките во Стокхолм во вторникот.
Кремљ вели дека Трамп му праќал тестови за ковид на Путин додека бил претседател
Кремљ потврди дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп додека бил на функцијата му испратил уреди за тестирање од ковид-19 на рускиот претседател Владимир Путин, во екот на пандемијата, како што е опишано во новата книга на новинарот Боб Вудворд.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во средата изјави дека тестовите биле испратени, но ги негираше тврдењата во книгата дека двајцата лидери разговарале телефонски неколкупати откако Трамп ја напуштил функцијата.