Ураганот Милтон пустоши низ Флорида. Погоди некои од истите области што неодамна ги зафати ураганот Хелен. Според научниците, станува збор за сложен климатски настан, кој ќе станува сѐ почест и посилен, бидејќи климатските промени предизвикани од човекот продолжуваат да ја загреваат планетата.
И Македонија е на удар на климатските промени, а за да ја зајакне отпорноста кон овие ризици ќе ѝ бидат потребни вкупно 6,4 милијарди долари.
„Секој долар од овие инвестиции сега, ќе испорача од два до десет пати поголем поврат во иднина поради избегнати загуби и економски придобивки“, порача директорот на канцеларијата на Светската банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, презентирајќи дел од извештајот за климатски промени и развој на земјата (CCDR).
Прочитајте повеќе:
Во Македонија пристигнувале пелети и од погони што личат на депонии
Во земјава инфлацијата повторно забрза и во септември изнесуваше 2,6 отсто, што е раст од 0,3 отсто споредено со август. Двигател на растот на инфлацијата се цените на храната, кои во септември биле за 1,7 отсто повисоки споредено со претходниот месец. Министерот за економија вели дека стапките ќе биле уште повисоки ако Владата не го зауздела растот на цените со последната мерка за нивно замрзнување.
Она што не замрзнува се надоместоците и провизиите што ги наплатуваат македонските банки. Во првиот квартал годинава биле зголемени за над седум отсто во однос на лани. А трендот ќе продолжи затоа што нивниот раст е поврзан со растот на просечната плата.
Неделава анализиравме и колку македонските граѓани должат по кредитни картички. Извештаите на централната банка покажуваат дека овој долг се намалува, но расте задолжувањето за станбени кредити.
Кога сме кај долговите, податоците покажуваат дека на најголемиот број фирми во Македонија односно на таканаречените микроправни лица лани во просек им биле потребни повеќе од 400 дена за наплата на побарувањата и над 900 дена за исплата на краткорочните обврски.
И државата го зголеми долгот. Министерката за финансии во Будимпешта го потпиша договорот за заем од 500 милиони евра со унгарската банка „Експорт-импорт“.
„Владата избра да се задолжи со заем од Унгарија, а не со издавање еврообврзница заради пониската камата и заштедата по тој основ“, рече министерката.
Прочитајте повеќе:
Колкав е финансискиот имот на македонските домаќинства: Глобалниот расте
Кои македонски компании остваруваат најголема добивка по вработен?
За „Блумберг Адрија“ неделава зборуваше претседателот на управата на НЛБ, Блаж Бродњак. Тој зборуваше за враќањето на НЛБ на хрватскиот пазар по 33 години, иако не како понудувач на банкарски услуги, туку како нов сопственик на компанијата за лизинг „Кроациа мобил лизинг“ (Croatia Mobil Leasing).
„Потекоа солзи на гордост, некоја искрена среќа, бидејќи траеше 33 години. Верувам во овој регион и во поврзувањето. Поединечно сме премали и како нации и како економии за да се ограничуваме. Ние сме природно поврзани и време е по тие 33 години да почнеме да соработуваме“, смета Бродњак.
„Блумберг Адрија“ неделава ги анализираше состојбите во двата азиски гиганта, Кина и Индија. Ги прашавме економистите која земја е подобра за инвестирање.
Анализиравме и како и за колку пари се продава државното земјиште? Во услови кога скапата земја е една од причините за високиот раст на цените на недвижностите, продажбата на земјиштето во сопственост на државата е под превез на тајни. Нетранспарентни се и општините што го продаваат, но и државните органи што немаат (или не даваат) податоци колку земја и за колку пари се продала лани.
Анализиравме и зошто има сѐ помалку студенти на македонските универзитети. Особено треба да загрижува податокот дека бројот на бруцоши за 10 години се намалил за дури 30 отсто. Најголем број од македонските матуранти заминува во странство, а државата не знае колку деца студираат во странство.
Прочитајте повеќе:
Жените во САД би дале отказ поради менопауза, кај нас не се работи поради стереотипи
Зошто лековите за слабеење заработуваат милијарди
Ова беше недела на нобеловците. Еден од највлијателните академици во областа на вештачката интелигенција, Џефри Е. Хинтон, е награден со Нобеловата награда за физика за неговата работа на обука на вештачки невронски мрежи и поставување на темелите за денешните апликации за машинско учење.