Небото за европските авиони се чини дека не е многу мирно поради финансиски турбуленции и проблеми со профитабилноста на одредени маршрути за летање. „Ер-Франс КЛМ“, „Дојче Луфтханза“, „Бритиш ервејс“ и „Вирџин Атлантик ервејс“ веќе укинаа многу летови до и од Кина. Причината е, како што велат, нелојалната конкуренција од Кина. Имено, небото над Украина е затворено од почетокот на воениот конфликт, додека небото над Русија е забрането за европските, но не и за кинеските авиопревозници, што ги прави летовите со кинеските авиокомпании побрзи и поевтини.
Добро утро, подолу се петте вести што е важно да ги знаете утрово.
Поголема потрошувачка на гориво ќе го спречи авиосообраќајот да ја испржи планетата
Авиокомпаниите не се секогаш најдобри сојузници во борбата против климатските промени. Но тие предводат во едно нешто во светот - во своите фанатични напори да ја намалат потрошувачката на нафта. Авионското гориво главно сочинува четвртина од трошоците на повеќето авиокомпании, па оттука сè што им овозможува да трошат помалку гориво им помага да го зголемат својот профит и да ја надминат конкуренцијата во безмилосната битка за патници.
Инаку, за загревањето на планетата не придонесуваат најмногу емисиите на јаглерод диоксид од авионите, туку кондензациските траги што се формираат за време на летот.
Регионот го очекуваат сурова зима и поскапа струја
Долгорочната прогноза за зимата 2024-2025 наведува три знаци што укажуваат на тоа дека нѐ очекува студена зима и според експертите можеби најстудена во последната деценија.
Најавите за постудена зима се поклопуваат со проблемите во македонскиот електроенергетски систем. Тоа значи дека Македонија ќе мора да се потпре на увоз на струја, а на отворениот пазар цената на струјата и натаму ќе расте, особено зашто уништената енергетска инфраструктура во Украина ја поскапува струјата за регионот, каде што земјите цело лето плаќаа поскапа струја од земјите во Западна Европа.
Недостигот од работници нема да трае долго, автоматизацијата зема замав
Минатата година на глобално ниво беа инсталирани 541.302 индустриски роботи, што е пад од приближно два отсто во однос на рекордното темпо од 2022 година, се наведува во најновиот извештај на Меѓународната федерација за роботика. Во САД на секои 10.000 работници во 2022 година биле инсталирани 274 роботи.
Во Македонија автоматизацијата е најчеста во производствената индустрија, при што автомобилската индустрија е предводник, иако има значајни обиди и во земјоделството.
Драматичен пад на акциите на холандскиот АСМЛ
Холандскиот производител на чипови АСМЛ (ASML Holding) ги разочара инвеститорите објавувајќи скромни договори за нарачки, а акциите потонаа најмногу во последните 26 години. Дојде и денот по објавувањето на извештајот, но ситуацијата за Холанѓаните не изгледа добро.
Со оглед на тоа што еден од предводниците на лудилото со вештачката интелигенција изгуби 60 милијарди евра во вредност за само еден ден, многумина почнаа да се прашуваат колку навистина е здрава таа индустрија.
Трамп за односот со Путин: Добро е да бидам пријателски настроен кон луѓето
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ги бранеше своите планови за реформирање на американската економија преку драматично зголемување на тарифите и поинтензивна консултација со Федералните резерви, тврдејќи дека неговите политики ќе резултираат со значителен раст и покрај проекциите дека неговата агенда ќе предизвика инфлација и ќе го зголеми националниот долг.
Во разговор за „Блумберг“ Трамп го бранеше односот со рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека нивните позитивни врски биле корисни за САД.