ЕКОНОМИЈА
ЕЦБ ги намалува каматните стапки и во декември?
Европската централна банка (ЕЦБ) ги намали каматните стапки по третпат годинава, бидејќи брзиот пад на инфлацијата ѝ овозможи да ја поткрепи болната економија на еврозоната. Така, основната каматна стапка на депозитите е намалена за четвртина процентен поен, на 3,25 отсто, како што предвидоа сите аналитичари во истражувањето на „Блумберг“.
Претставниците на ЕЦБ навестија уште едно намалување на каматните стапки во декември, додека инфлацијата, како што велат, ќе ја достигне целта од два процента побрзо од очекуваното.
Измешани податоци за кинеската економија
Економскиот раст на Кина забави во третиот квартал, но вкупните податоци беа подобри отколку што предвидуваа економистите. Така, бруто-домашниот производ порасна за 4,6 отсто во третиот квартал и за 4,8 отсто во првите девет месеци од годинава, што е само малку под годишната цел од околу пет отсто.
Од друга страна, индустриското производство во септември забележа најбрз раст во последните четири месеци, додека продажбата на мало порасна најбрзо од мај. Во исто време цените на недвижностите паднаа побрзо од пред една година, додека продажбата се лизна за 24 отсто во првите девет месеци од годинава.
ПОЛИТИКА
Лидерот на Хамас, Јахја Синвар, убиен во Газа
Израелските војници го убија лидерот на Хамас, Јахја Синвар, за кого се верува дека стои зад нападот врз Израел на 7 октомври минатата година. Израелската војска соопшти дека Синвар бил убиен во јужниот дел на Газа во средата, заедно со уште двајца милитанти на Хамас.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по убиството на Синвар изјави дека Израел ќе ја продолжи борбата против Хамас, додека американскиот претседател Џо Бајден повика на прекин на конфликтот.
БИЗНИС
На корпоративен план, Нетфликс додаде повеќе од пет милиони претплатници во третиот квартал, надминувајќи ги проекциите на Волстрит. Истовремено, продажбата е зголемена за 15 отсто, на 9,83 милијарди долари, а заработката на 5,40 долари по акција.
Тоа предизвика акциите на Нетфликс, во електронското тргување, да скокнат за цели 5,4 отсто, на 724,89 долари. Потсетуваме дека акциите на оваа компанија се зголемени за повеќе од четири пати од мај 2022 година.
БЕРЗА
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат мешано по одлуката на ЕЦБ. Да потсетиме, акциите во четвртокот го завршија тргувањето со добивки, при што индексот Stoxx 600 забележа раст од 0,83 отсто.
Според последните податоци на „Евростат“, инфлацијата во септември забави на 1,7 отсто, што е за 0,1 процентен поен пониско од флеш процената. Инфлацијата во август изнесува 2,2 отсто.
САД
И американските индексни фјучерси се нишаат помеѓу добивки и загуби, откако продажбата на мало порасна повеќе од очекуваното во септември. Тоа ги поттикна инвеститорите да ги намалат облозите за очекуваното намалување на каматните стапки од страна на Федералните резерви (Фед) годинава.
Азија
А акциите во азиско-пацифичкиот регион главно забележаа добивки, откако кинеската централна банка објави нови мерки за поддршка на пазарот на капитал. Имено, банката започна специјализирана шема за финансирање, чија цел е да им помогне на компаниите да ги откупат сопствените акции.
Индексот CSI 300 зајакна за цели 3,2 отсто и, благодарение на тоа, закрепна од тридневната загуба.