Тенисот често создава спектакли, но ова е нешто посебно. Во моментов во Ријад се одржува „Сикс кингс слем“ (Six Kings Slam) - долгоочекуваниот егзибициски тениски турнир што носи најголем награден фонд во историјата на тенисот. Тука се шесте најдобри светски тенисери: Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Карлос Алкараз, Данил Медведев, Јаник Синер и Холгер Руне. Овој настан, кој се одржува во Саудиска Арабија од 16 до 19 октомври, е дел од поголемиот културен и спортски фестивал „Ријад сизон“ (Riyadh Season).
Иако овој турнир не е дел од АТП и не носи поени за ранг-листата, наградниот фонд е без преседан. Секој играч добива 1,5 милион долари само за учество, додека победникот ќе освои неверојатни шест милиони долари, што е најголема награда во историјата на тенисот. Оваа импресивна финансиска награда поставува нов стандард за егзибициските турнири, а особено е импресивна кога се споредува со наградите на најголемите тениски турнири на кои сме навикнати.
Ѓоковиќ и Надал автоматски се во полуфиналето, што најдобро покажува како организаторите ги рангираат учесниците. Во средата силите ги одмерија Алкараз и Руне, како и Медведев и Синер.
Мечевите се играат на тврда подлога, а меѓу рундите е предвиден ден за одмор (18 октомври) за да се почитуваат правилата на АТП за егзибициски турнири. Настанот се одржува на стадион со 8.000 места, специјално изграден за овој турнир, под името „Венју“ (The Venue).
„Дазон“ (Dazn), спортската стриминг-платформа со седиште во Лондон, ги презеде глобалните права за пренос на турнирот, што овозможува гледање на „Сикс кингс слем“ низ светот преку нивната платформа. Не е познат износот што е платен за ТВ-правата, но е познато дека T2 ги емитува мечевите во Соединетите Американски Држави.
Компанијата „Армако“ (Aramco) се истакнува како главен спонзор на турнирот, но моментално нема информации за тоа со колку пари го поддржала „Сикс кингс слем“. Исто така, финансиските детали за тоа колку плаќа „Дазон“ за правата за пренос на мечевите не се објавени.
„Сикс кингс слем“ придонесува за локалната економија преку зголемување на туристичкиот промет, потрошувачката на сместување, храна и забава. Се очекува турнирот да привлече илјадници меѓународни посетители, што му носи дополнителни приходи на саудискиот сектор за туризам и услуги.
Тенисот и турнирот се дел од пошироката стратегија на Саудиска Арабија, која преку иницијативата „Вижн 2030“ (Vision 2030) настојува да ја диверзифицира економијата и да ја зголеми својата присутност на меѓународната спортска сцена. Во рамките на таа стратегија Саудиска Арабија организира и спонзорира многу престижни спортски настани, вклучувајќи го и овој ексклузивен тениски турнир во Ријад.
„Ријад сизон“ е спектакл што вклучува боречки спортови, УФЦ (UFC) ноќи и високопрофилирани фудбалски турнири, а годинава му е додаден и новиот тениски турнир.
Токму „Сикс кингс слем“ ја покажува амбицијата на Саудиска Арабија да стане клучен играч во глобалниот спорт, следејќи слични чекори во фудбалот, Формула 1 и голфот.
Што уште носи „Ријад сизон“?
„Ријад сизон“ во 2024 година носи спектакуларна низа на настани што комбинираат спорт, забава, култура и технологија.
- Спортски настани: Покрај турнирот „Сикс кингс слем“, „Ријад сизон“ вклучува и боречки спортови како УФЦ-борби, боксерски мечеви и меѓународни фудбалски турнири. Овие настани привлекуваат врвни спортисти и љубители на спортот од целиот свет.
- Концерти и музички фестивали: „Ријад сизон“ секоја година угостува меѓународни музички ѕвезди, со големи концерти и музички фестивали што опфаќаат различни жанрови.
- Културни настани: Манифестации на кои се промовира културна размена, со традиционални и модерни уметнички манифестации, вклучувајќи изложби, театарски претстави и светлосни инсталации.
- Тематски паркови и атракции: Саудиска Арабија привлекува туристи и локални посетители со импресивни тематски паркови и привремени забавни паркови, како што е „Винтер вондерленд“ (Winter Wonderland), и други интерактивни простори.
- Технолошки иновативни настани: Постојат саеми и конференции посветени на напредни технологии, виртуелна реалност и видеоигри, што вклучува и ексклузивни технолошки инсталации.
Целта на „Ријад сизон“ е Саудиска Арабија да стане глобален центар за забава и спорт, истовремено промовирајќи културен дијалог и туризам во земјата.