Меѓу вестите на денот на крајот на оваа работна недела е и зголемувањето на богатството на Илон Маск, основачот на „Тесла“ (Tesla), до кое дојде поради растот на акциите на американската компанија за електрични возила. Имено, објавувањето на финансиските резултати на „Тесла“ за третиот квартал од 2024 година донесе оптимизам кај претпазливите инвеститори, чија доверба на пазарот на електрични возила (ЕВ) веќе е донекаде разнишана од кризата во секторот.
Меѓутоа, набљудувачите на глобалниот пазар не се помалку заинтересирани ниту за натамошните одлуки на Европската централна банка (ЕЦБ), па затоа в петок наутро започнуваме со темата за каматните стапки. Освен тоа, зад нас остана самитот на БРИКС, кој траеше од 22 до 24 октомври и се одржа во Русија, каде што се донесоа одлуки што би можеле да го променат натамошниот економски и геополитички правец на глобално ниво.
ЕКОНОМИЈА
Вунш: Предвремен разговор за намалување од 50 базични поени
Членот на Управниот совет на ЕЦБ, Пјер Вунш, изјави дека е рано да се размислува за намалување на каматната стапка за половина процентен поен во декември. Вунш, кој е и гувернер на белгиската централна банка, во интервју за „Блумберг“ рече дека иако еврозоната покажува знаци на слабеење, официјалните лица сè уште мора да чекаат нови податоци за инфлацијата и да го анализираат развојот на економијата пред да донесат какви било заклучоци. Претходно, претседателот на германската „Бундесбанк“, Јоаким Нагел, изјави за „Блумберг ТВ“ дека ЕЦБ не треба да брза со намалување на трошоците за задолжување. Спротивно на тоа, неговиот португалски колега Марио Сентено тврди дека ЕЦБ треба „што е можно поскоро“ да достигне неутрално ниво на каматни стапки, кои ниту ја стимулираат ниту ја ограничуваат економијата и треба да бидат отворени за намалување од 50 базични поени.
БИЗНИС
Најбогатите стануваат уште побогати
Богатството на Маск се зголеми за 33,5 милијарди долари, откако акциите на „Тесла“ забележаа најголем пораст во повеќе од една деценија, така што сега изнесува вкупно 270,3 милијарди долари. Пресметката вели дека Маск во моментов е „потежок“ за 61 милијарда долари од првиот човек на „Амазон“ и втор најбогат човек во светот, Џеф Безос, според индексот на милијардери на „Блумберг“.
Акциите на „Тесла“ го затворија вчерашното тргување со раст од 22 отсто, откако производителот на автомобили ја објави својата најголема квартална добивка од летото 2023 година. По објавувањето на резултатите, Маск предвиде раст на продажбата на возила од дури 30 отсто во следната година и најави дека „Сајбертрак“ (Cybertruck) за првпат остварил квартален профит. Резултатите доаѓаат по четири последователни квартали на разочарувачка заработка за најголемиот светски производител на електрични возила, кој се мачи поради забавувањето на побарувачката од страна на потрошувачите. Потсетуваме дека во моментов најголем ривал на „Тесла“ е кинескиот БЈД (BYD).
ПОЛИТИКА
Порака од САД: Преговори меѓу Израел и Хамас во наредните денови
Преговарачите од Израел и Хамас ќе се сретнат во наредните денови, како дел од напорите за ставање крај на конфликтот во Газа. Тоа го соопштија и американски и израелски претставници.
„САД истражуваат различни опции за да ги обноват закочените преговори меѓу завојуваните страни и да обезбедат ослободување на заложниците што ги држела палестинска милитантна група“, рече вчера во Катар американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Истовремено, Израел соопшти дека шефот на израелската разузнавачка агенција Мосад ќе се сретне со главните преговарачи на САД и на Катар следната недела во Катар. Од друга страна, официјален претставник на Хамас, кој сакаше да остане анонимен, рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постојано ја менувал својата позиција и ја продолжува војната за да ја задржи својата десничарска владејачка коалиција. Израелскиот лидер го негираше тоа, наведувајќи дека Хамас е тој што не покажал волја да ја прекине војната.
Поради конфликтот на Блискиот Исток клучните стоки како нафтата се следат внимателно, а податоците од утрово покажуваат дека нафтата сега е стабилна по падот во претходните два дена. Брентот се тргува по цена од над 74 долари за барел, откако претходно загуби два отсто од вредноста, а американската сурова нафта ВТИ (WTI-West Texaa Intermediate) останува над границата од 70 долари. Кога станува збор за металите, сите се во минус: златото утрово вреди 2.740 долари за унца, што претставува пад од 0,3 отсто.
СОСТОЈБА НА БЕРЗИТЕ
Европа
Фјучерсите на европските акции се тргуваат мешано. Да потсетиме дека европските акции вчера забележаа мал пораст додека инвеститорите одмеруваа уште една серија извештаи за заработка на компаниите. Имено, акциите на клучните сектори се движеа мешано: патувањата и одморите забележаа раст од 3,1 отсто, додека хемиската индустрија се лизна за 0,65 отсто. Автомобилскиот сектор повторно покажа издржливост наспроти превирањата меѓу ЕУ и Кина околу е-возилата. Само акцијата на „Рено“ (Renault) во еден момент скокна за седум проценти.
Другите два сектора, кои континуирано покажуваат дека се имуни на пазарните флуктуации, се банкарството и луксузните стоки. Акциите на британската банка „Берклис“ (Barclays) пораснаа за пет отсто, а денот го завршија со раст од 4,2 отсто. „Хермес“ (Hermes) напредуваше за 2,3 отсто бидејќи француската модна куќа објави раст на продажбата во третиот квартал поради зголемената побарувачка за чантите „биркин“ (Birkin).
САД
Фјучерсите на американските акции се тргуваат главно во минус. Инаку, Волстрит вчера порасна за првпат неделава додека трговците продолжија да ги анализираат корпоративните извештаи за дополнителни сигнали за здравјето на најголемата светска економија. Референтниот индекс на таканаречената Величествена седумка достигна тримесечен максимум откако акциите на „Тесла“ во еден момент пораснаа за 22 отсто.
Пазарите продолжија и да лицитираат за очекуваното намалување на каматните стапки од Фед и на тој начин веруваат дека следниот месец американските Федерални резерви би можеле да ги намалат стапките за четвртина процентен поен. Бет Хамак, претседател на филијалата на банката во Кливленд, зборувајќи за политиката на Фед рече дека е постигнат напредок во ограничувањето на инфлацијата, но дека таа сè уште не е поразена.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се тргуваат мешано. Акциите во Кина и Хонгконг пораснаа заедно со акциите во Австралија и Јужна Кореја, додека јапонските акции се главно во минус. Имено, в недела во Јапонија се одржуваат предвремени парламентарни избори на кои владејачката коалиција би можела да го загуби мнозинството во Долниот дом на парламентот за првпат од 2009 година. Таквиот исход би ги ослабнал јенот и јапонските акции.