Секое утро, па и ова, започнуваме со вести од светот, со фокус на движењето на клучните суровини. Во првиот ден од ноември нафтата скокна, по информациите дека Иран би можел да подготви напад врз Израел од ирачка територија во наредните денови. Веста повторно го насочи вниманието на трговците на потенцијалното разгорување на конфликтите на Блискиот Исток.
Брентот поскапе за два отсто во петокот, надминувајќи го нивото од 74 долари, додека американската сурова нафта ВТИ (WTI) зајакна на 71 долар. Како што објави „Блумберг“ (Bloomberg), повикувајќи се на „Аксиос“, извршувањето на нападот преку проирански милиции во Ирак, а не директно од иранска територија, може да биде обид на Иран да избегне нов израелски напад врз стратегиски цели во Иран. Нападот се очекува да биде извршен со беспилотни летала и со балистички ракети.
Кај суровините, златото се стабилизира откако инвеститорите остварија профит во четвртокот, бидејќи благородниот метал се врати на ново рекордно ниво. Биткоинот потона под 69.000 долари во Азија во петокот, бидејќи шансите на Доналд Трамп да победи на изборите во САД на 5 ноември ослабеа на пазарите за обложување, објави „Блумберг“. Патем, познато е дека Трамп сесрдно се залага за криптовалутите, а згора на тоа, летово на конференција рече дека „САД треба да ја предводат глобалната криптоиндустрија, пред да бидат престигнати од Кина или од некој друг“.
А кога веќе зборуваме за Трамп, приказната се шири и на некои други теми...
ПОЛИТИКА
Харис вели: Трамп не ги разбира правата на жените
Демократската претседателска кандидатка Камала Харис го критикуваше својот ривал за неговите коментари во врска со правата на жените. Харис рече дека коментарот на Трамп „дека ќе ги заштити жените без разлика дали тоа им се допаѓа или не“ покажува дека тој не ги разбира правата на жените да носат одлуки за сопствените животи, вклучувајќи и за сопствените тела. На 5 ноември американските гласачи ќе одлучат кој ќе го контролира американскиот Конгрес, а исходот веројатно ќе биде најнеизвесен досега. Анкетите покажуваат дека Камала Харис и Доналд Трамп се речиси изедначени и дека агресивната рекламна кампања и пристапот „од врата до врата“ би можеле да одлучат кој ќе влезе во Белата куќа овој пат.
КОМПАНИИ
„Епл“ потфрли, „Интел“ воодушеви
Две технолошки компании од САД овој пат оставија сосема поинаков впечаток кај инвеститорите. Имено, „Епл“ (Apple) ги разочара со слабата прогноза и падот на продажбата во Кина, а „Интел“ (Intel) успеа да ги надмине очекувањата на аналитичарите - што е вест на која инвеститорите секогаш се радуваат.
Акциите на „Епл“ паднаа за 2 отсто во електронското тргување, бидејќи компанијата ги загрижи инвеститорите со најавите за пониски приходи и постојаните знаци на слабост на кинескиот пазар. По објавувањето на својот квартален извештај за заработка, „Епл“ соопшти дека вкупната продажба во кварталот што завршува во декември ќе порасне во опсег од ниски до средно едноцифрени бројки, додека аналитичарите предвидуваа зголемување од седум проценти. Компанијата исто така објави пад на приходите во Кина минатиот квартал, што исто така беше под процените на аналитичарите. Од друга страна, вкупните приходи на „Епл“ се зголемија за 6,1 отсто, на 94,9 милијарди долари, во споредба со просечната процена од 94,4 милијарди долари. Заработката изнесуваше 97 центи по акција.
Во исто време акциите на „Интел“ пораснаа за 9,2 отсто, до 23,51 долари, во електронското тргување, бидејќи проекциите за повисоки приходи за четвртиот квартал ги израдуваа инвеститорите. Така, најавено е дека приходот во четвртиот квартал ќе изнесува од 13,3 до 14,3 милијарди долари, наспроти просечната процена на аналитичарите од 13,6 милијарди долари. Компанијата предвидува добивка од 12 центи по акција, во споредба со шесте центи проектирани од Волстрит.
Затегнувањето на ременот му се исплатеше на „Амазон“
Американската компанија за е-трговија, која со текот на времето го прошири своето работење на различни сегменти, успеа пријатно да ги изненади инвеститорите со своите оптимистички проекции. Акциите на „Амазон“ (Amazon) пораснаа за околу пет отсто во е-трговијата откако објави силни деловни резултати.
Облакот на „Амазон“, Амазон веб сервисес (Amazon Web Services), кој претрпе рекордно низок раст на продажбата минатата година, продолжи да се шири во текот на третиот квартал. Така, вкупните приходи на компанијата во третиот квартал се зголемија за 11 отсто, на 158,9 милијарди долари, што ги надмина процените на аналитичарите. Од друга страна, оперативниот профит изнесува 17,4 милијарди долари, што е исто така над проектираните 14,7 милијарди долари.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции се тргуваа во црвено во петокот наутро. Европските пазари во четвртокот го завршија тргувањето со загуби, додека инвеститорите продолжија да ја анализираат корпоративната заработка, како и најновите податоци за инфлацијата во еврозоната. Имено, прелиминарните податоци објавени во четвртокот покажаа дека инфлацијата во еврозоната во октомври пораснала на 2,0 отсто, што е над 1,9 отсто предвидени од економистите на „Блумберг“, но и споредено со 1,7 отсто во септември.
САД
Во минус се тргуваат и американските индексни фјучерси пред објавувањето на новиот извештај за вработување. Индексот S&P 500 изгуби 1,9 отсто, а Nasdaq 2,4 отсто од вредноста во четвртокот, што беше најлошиот трговски ден за овие два индекса од почетокот на септември. Бројот на неделни поднесоци за бенефиции за невработеност во САД падна повеќе од очекуваното, според податоците во четвртокот. Тоа, сепак, укажува на силен пазар на трудот и ги намалува шансите Фед да ги снижи каматните стапки.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се тргуваат мешано. Јапонските акции забележаа најголеми загуби, додека акциите во Кина и во Хонгконг флуктуираа помеѓу добивки и загуби.