ЕКОНОМИЈА
Пауел: Нема да поднесам оставка ако тоа го побара Трамп
Откако американските Федерални резерви (Фед) ги намалија каматните стапки за четвртина процентен поен, претседателот на таа институција Џером Пауел изјави дека нема да поднесе оставка доколку тоа го побара реизбраниот претседател Доналд Трамп.
На прес-конференцијата одржана по состанокот на Фед, Пауел на прашањето дали ќе се повлече ако Трамп го побара тоа, одлучно одговори: „Не“. Првиот човек на американската централна банка рече дека смената или деградацијата на кој било лидер на одборот на Фед, вклучувајќи го и него, „не е дозволена според законот“.
Пауел истакна дека претседателските избори во САД нема да имаат никакво влијание врз монетарните одлуки на централната банка во блиска иднина, напоменувајќи дека е прерано да се знае моментот или суштината на какви било потенцијални промени во фискалната политика.
Да потсетиме, официјалните лица на Фед едногласно ги намалија клучните каматни стапки за 25 базични поени, на опсег од 4,5 до 4,75 проценти. Ова е второ последователно намалување на каматните стапки, по уште поголемото намалување од половина процентен поен во септември.
ПОЛИТИКА
Шолц го отфрли барањето за гласање доверба на владата следната недела
Германскиот канцелар Олаф Шолц го отфрли барањето на конзервативната опозиција за гласање доверба на владата на почетокот на следната недела, што би го отворило патот за одржување предвремени избори на средината на јануари.
Да потсетиме, Шолц во средата го смени министерот за финансии Кристијан Линднер (ФДП), со што трипартиската коалиција го загуби парламентарното мнозинство. Канцеларот Шолц (СПД) се обидува да ги одложи изборите до март за да ѝ овозможи на својата ослабена партија повеќе време за закрепнување.
Путин: Предлозите на Трамп за Украина се вредни за внимание
Меѓу светските лидери што му честитаа на Трамп за враќањето во Белата куќа е и рускиот претседател Владимир Путин, кој изјави дека е подготвен да разговара со новиот американски лидер.
„Мислам дека заслужува внимание она што е кажано за желбата да се обноват односите со Русија и да се помогне во завршувањето на кризата во Украина“, изјави Путин доцна во четвртокот на пленарната седница на меѓународниот дебатен клуб „Валдај“ во Сочи. „Секогаш сум велел дека ќе работиме со секој шеф на држава што има доверба од американскиот народ“, додаде Путин.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат во зелено. Европските пазари и вчерашното тргување го завршија со добивки, додека инвеститорите продолжуваат да ја анализираат победата на Трамп на претседателските избори во САД, но и колапсот на владата во Германија.
Во фокусот на инвеститорите се и монетарните одлуки на американскиот Фед и Банката на Англија (БоЕ). Така, БоЕ вчера ги намали каматните стапки за 25 базични поени, на 4,75 проценти. Сепак, централната банка предупреди дека плановите на владата за даноци и трошење дополнително ќе ги зголемат инфлаторните притисоци и ќе ја поттикнат инфлацијата дури за половина процентен поен. Гувернерот на Банката на Англија, Ендру Бејли, вели дека минатонеделната распродажба на британските пазари на капитал била оправдана, откако министерката за финансии Рејчел Ривс го претстави буџетот.
САД
Фјучерсите на американските акции се тргуваат мешано, откако официјалните лица на Фед едногласно ги намалија каматните стапки за 25 базични поени, со порака дека условите на пазарот на трудот во САД „генерално се олеснети“.
Од изјавите на Фед може да се забележи промена на реториката, па така, со пораката за олеснети услови на пазарот на трудот, велат и дека „стапката на невработеност се зголеми, но сепак е ниска“. Што се однесува до инфлацијата, од централната банка велат дека „напредува кон целта на одборот од два процента, но сепак е донекаде зголемена“ и сметаат дека постигнале добра рамнотежа помеѓу ограничувањето на пазарот на трудот и инфлацијата.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се колебаат помеѓу добивки и загуби, во очекување нови мерки за поддршка на кинеската економија. Пазарите го чекаат исходот од состанокот на Постојаниот комитет на Секинескиот национален конгрес и дали новите мерки ќе бидат доволни за да се спротивстават на најавените повисоки тарифи во вториот мандат на Трамп.
Нафта
Цената на нафтата падна, но суровината сепак е на пат да оствари плус на неделно ниво. Набљудувачите на пазарот ги анализираа импликациите од претседателството на Трамп, вклучувајќи го и прашањето дали тоа ќе ја поттикне експанзијата на стимулативните мерки на Кина како најголем увозник. Највисокото законодавно тело на Кина треба в петок да го претстави најголемиот фискален пакет од почетокот на пандемијата, а има индикации дека потенцијално продолжената трговска војна со САД значи дека следната година ќе има повеќе стимулации.
Нафтата брент се купуваше за околу 75 долари за барел и се зголеми за речиси три проценти во текот на неделата. ВТИ (West Texas Intermediate) беше близу 72 долара.