Биткоинот за првпат се приближува до вредносната граница од 80.000 долари, главно поттикнат од прифаќањето на дигиталните средства од страна на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, и шансите за Конгрес во кој ќе учествуваат законодавци наклонети на криптото. Криптовалутата вчера се искачи за дури 4,3 проценти, до досега невидена вредност од 79.771 долар. Ако сте вложиле во овој токен, сигурно веќе уживате во убавиот почеток на нeделата.
Забава на берзите: Американска бура, берзанска забава и криптоманија
Минатонеделното тргување на берзите беше обележано главно со политичките превирања во САД. Старо-новиот претседател Доналд Трамп се враќа во Белата куќа, што беше прославено на пазарите на капитал.
Како одговор на изборот на Трамп сите главни американски берзански индекси пораснаа за неколку проценти.
Главниот американски индекс S&P 500, на пример, го забележа својот најголем постизборен пораст во историјата, објави „Блумберг“ (Bloomberg). Поединечните акции, особено тие што му припаѓаат на кругот на „пријатели“ на Трамп, како „Тесла“ (Tesla) и акциите во индексот Russell, запишаа раст меѓу 10 и 20 проценти.
Бевме на „прошетка“ со четбот: Што значат термините поврзани со ВИ
Појавата на четботот ЧетГПТ (ChatGPT) кон крајот на 2022 година, со неговите извонредно софистицирани, иако понекогаш погрешни, одговори на широк спектар прашања, беше пресвртница во вештачката интелигенција, која се развиваше со децении.
Навистина, четботовите со ВИ се насекаде, присутни се во корисничката поддршка, здравството, образованието, па дури и како лични асистенти, како Сири (Siri) и Алекса (Alexa). Овие четботови и нивната способност да го разберат и да одговорат на човечкиот јазик со зголемена точност ги направи преферирана алатка за справување со рутински прашања, закажување состаноци и дури и обезбедување поддршка за менталното здравје. Нудиме кратки и разбирливи објаснувања за повеќе термини од сферата на вештачката интелигенција.
Новиот стрес во Германија има висока цена во Македонија
По економската, Германија влегува и во политичка криза. Канцеларот Олаф Шолц е под притисок да ја напушти идејата за избори во март и да се согласи тие да се одржат во јануари следната година. Причина за политичката криза во земјата е буџетот за 2025 година, односно задолженоста. Германскиот буџет е оптоварен, меѓу другото и поради поддршката на Украина во војната со Русија.
Но близу половина од македонскиот извоз завршува во Германија. Експертите сметаат дека политичката криза во Германија само ќе ја продлабочи економската криза и, секако, ќе има негативни влијанија и импликации за македонската економија со оглед на силната економска и трговска врска помеѓу двете земји. Читајте ја нашата анализа.
Странските фирми ги намалуваат инвестициите во Кина, а домашните „трчаат“ надвор
Странските директни инвестиции во Кина се намалија за 8,1 милијарди долари во третиот квартал, а од почетокот на годинава за речиси 13 милијарди долари, покажуваат податоците на Државната управа за девизи.
Спротивно на влезните, излезните инвестиции од Кина нагло се зголемуваат. Во третиот квартал кинеските фирми ги зголемија своите средства во странство за околу 34 милијарди долари, покажуваат прелиминарните податоци. Тоа го зголеми одливот годинава на 143 милијарди долари.
Новото електрично возило на „Хонда“ тивко се прикрадува до „Тесла“
„Хонда“ во САД продаде околу 13.000 електрични теренски возила со средна големина„пролог“ (Prologue) во тримесечјето заклучно со септември. Иако тоа е уште далеку од пазарниот удел на „Тесла“ со „модел ипсилон“ (Model Y), сепак најпродаваниот електричен теренец „пролог“ е на петтото место меѓу американските електрични возила (ЕВ).
ЕВ сочинуваа девет отсто од вкупната продажба на нови автомобили во САД во третото тримесечје, што е највисоко ниво досега. „Тесла“ го задржа својот електричен возен парк на улиците, испорачувајќи речиси 167.000 возила. Сепак, неговиот удел на пазарот продолжи да паѓа и сега веќе е под 50 проценти бидејќи подостапните машини од „Кадилак“ (Cadillac), „Шевролет“ (Chevrolet), „Хонда“ (Honda) и други ги придобија љубопитните клиенти за ЕВ.