За Хванг Донг-Хјук, креаторот на „Сквид гејм“ (Squid Game), најпопуларната серија во историјата на „Нетфликс“ (Netflix Inc.), пишувањето и режирањето на сите девет мрачни епизоди биле толку интензивни што изгубил седум или осум заби за време на процесот.
„Кога сум многу уморен или под стрес, секогаш имам проблеми со непцата“, рече тој за време на интервју на сет надвор од Сеул.
По завршувањето на првата сезона, Хванг првично немал планови да ја продолжи серијата. Но, на крајот, желбата на „Нетфликс“ за продолжение на глобалниот хит ги надминала сите преостанати грижи околу колатералната штета со забите. Хванг почнал да пишува нови епизоди.
На 26 декември, еден ден по прикажувањето на првите натпревари во американски фудбал на „Нетфликс“, втората сезона на „Сквид гејм“ ќе пристигне со голема помпа.
„Луѓето ја сакаа првата сезона - можевме да видиме костими за Ноќта на вештерките и луѓе што сакаат да ги играат игрите и да ја споделуваат иконографијата“, рече Бела Бајарија, главен директор за содржина на „Нетфликс“, во неодамнешно интервју. „Луѓето сакаат и повеќе од тоа. Кога сакаат некоја серија, сакаат да ја живеат, да ја доживеат, да се поврзат со неа“.
Според внатрешните пресметки на „Нетфликс“, првата сезона на „Сквид гејм“ генерирала 900 милиони долари вредност за стриминг-компанијата кратко по нејзиното деби во септември 2021 година. Со пристигнувањето на втората сезона, серијата се истакнува како една од првите ТВ-серии од Јужна Кореја што создала глобална франшиза, опфаќајќи сè, од реалити ТВ преку видеоигри до лични искуства за обожавателите.
Антикапиталистичката парабола на Хванг произлегува од неговиот сопствен очај. За време на финансиската криза во 2008 година, која ја опустоши јужнокорејската филмска индустрија, сценаристот, сега 53-годишен, немал среќа. Со само неколку проекти зад неговото име и помалку од 10 долари на неговата банкарска сметка, тој напишал приказна за игра за преживување, во која задолжени сиромашни Корејци се натпреваруваат до смрт за незамисливо богатство.
Откако го завршил, оригиналното сценарио се покажало премногу збунувачко, насилно и скапо за кој било купувач во Јужна Кореја. Идејата останала непродадена, а Хванг нашол работа режирајќи три филма за локални студија. На крајот нашол нов купувач.
По воведувањето на својата стриминг-услуга во Јужна Кореја во 2016 година, „Нетфликс“ бил во потрага по програми што големите телевизиски мрежи и филмски студија ги занемариле. И тука влегува Хванг. Од самиот почеток, со оглед на популарноста на јужнокорејската филмска и ТВ-продукција во регионот, тимот на „Нетфликс“ во Сеул верувал дека „Сквид гејм“ може да биде хит во својата татковина и потенцијално да достигне нови гледачи низ Азија, каде што стриминг-гигантот инвестирал десетици милијарди долари за да го зголеми своето присуство.
Во есента 2021 година, серијата - истражување на тоа колку далеку очајните луѓе ќе одат за да преживеат во вознемирувачки услови - го направи своето деби во светот што сè уште беше интензивно под стрес од пандемијата на ковид-19. Речиси прекуноќ мрачната серија се претвори во глобален феномен, заземајќи го врвот на листата на најгледани наслови на „Нетфликс“ на секој континент. Критичарите исто така беа импресионирани и „Сквид гејм“ стана првата програма на странски јазик номинирана за најдобра драма на наградите „Еми“, додека нејзината популарност одекнуваше низ американската култура. „Сатардеј најт лајв“ (Saturday Night Live) правеше пародија, а јутјуб-ѕвездата Мистер Бист направи реално шоу инспирирано од „Сквид гејм“ - видео што оттогаш е прегледано повеќе од 660 милиони пати. Од „Нетфликс“ му рекле на Хванг дека ако има добра идеја, би сакале да го задржат замавот.
Повеќето корејски драми траат само една сезона, но Хванг ја остави вратата отворена за продолжување на приказната со начинот на кој ја заврши последната епизода - но имало и други, економски причини да се продолжи. „Нетфликс“ ја платил првата сезона речиси целосно однапред, па додека многу членови на актерската екипа освоиле меѓународни награди и улоги во Холивуд како резултат на нејзиниот успех, тие не учествувале веднаш во добивката на компанијата. Неколку месеци по премиерата на серијата, стриминг-гигантот им платил на некои од талентите еднократни бонуси. И покрај тоа, Хванг се чувствувал мотивирано да напише повеќе епизоди.
Како што се зголемувале дискусиите за втората сезона, Хванг ја ангажирал моќната агенција за таленти „Криејтив артистс“ (Creative Artists Agency), како и холивудска адвокатска фирма што претставува клиенти како Скарлет Јохансон и Метју Меконахи. Во следните преговори неговиот нов тим се погрижил тој да има доволно пари за да се справи со сите идни итни проблеми со забите.
„Сметавме дека правењето втора сезона ќе обезбеди поадекватна компензација, соодветна на успехот на оваа серија“, рече Хванг.
Во мај 2022 година тој почнал да пишува, на крајот скицирајќи две дополнителни сезони. Веќе во летото 2023 година продуцентите повторно почнале да снимаат нови сцени на сет надвор од Сеул.
Со новата серија што доаѓа, „Нетфликс“ бара други начини да ја прошири франшизата. Компанијата нарачала реалити шоу, адаптирано на серијата, кое користи сличен сет. Почна да развива мултиплеер-видеоигра базирана на серијата. Во Њујорк, „Нетфликс“ постави „ескејп рум“, каде што обожавателите може да ги тестираат своите инстинкти за преживување. Стриминг-гигантот исто така водел дискусии со наградуваниот режисер Дејвид Финчер, режисер на „Социјална мрежа“ (The Social Network) и „Боречки клуб“ (Fight Club), за можноста за продукција на адаптација на англиски јазик.
Во меѓувреме, пред враќањето на серијата во декември, „Нетфликс“ објавува реклами насекаде, од телевизија до билборди во метрото во Њујорк, започнувајќи една од најголемите промотивни кампањи во историјата на компанијата. Во трговски центар на Филипините, „Нетфликс“ постав реплика на огромната застрашувачка кукла што се појави во првата сезона. Неколку големи потрошувачки бренда, вклучувајќи ги „Крокс“ (Crocs) и „Џони Вокер“ (Johnnie Walker), се здружија со компанијата за да создадат низа производи со тематика „Сквид гејм“.