ПОЛИТИКА
Германија одби да ѝ испрати ракети со долг дострел на Украина
Откако претседателот на САД, Џо Бајден, дозволи Украина да користи американски ракети со долг дострел за напад на Русија, поширока поддршка од сојузниците на Киев очигледно изостана. Тоа, според „Блумберг“, е показател за опаѓачкото влијание на американскиот претседател што е во заминување. Германија соопшти дека останува при одлуката да не ѝ испорачува ракети со долг дострел на Украина. Во образложението на таквата одлука, германскиот канцелар Олаф Шолц наведе дека многу граѓани на Германија сè уште се загрижени за безбедноста и мирот во Европа.
Стурнарас: Царините на Трамп ќе го загрозат растот на Европа
Членот на Управниот совет на Европската централна банка, Јанис Стурнарас, предупреди дека воведувањето царини од страна на Трамп може да ја турне Европа во рецесија, поради што ја повика американската администрација да се откаже од таквата идеја.
Економската агенда на Трамп е дефинирана со намалување на стапката на данок на богатство и данок на добивка на претпријатијата - од 21 на 20 проценти. „Тоа е затоа што сакам едноставност. Сакам 20 проценти повеќе. Уште повеќе сакам 15 проценти, но мислам дека тоа би било потешко да се постигне“, истакна поранешниот претседател на САД во интервју за „Блумберг бизнисвик“. По преземањето на уздите на Белата куќа по ноемвриските избори, се очекува Трамп да ги удри ривалите со казнени царини од 20, 60 до 100 проценти.
БИЗНИС
Ќе мора ли „Гугл“ да го продаде Хром?
Антимонополските службеници на американското Министерство за правда ќе побараат од федералниот суд да го принуди „Гугл“ (Google) да го продаде својот пребарувач Хром (Chrome), што би претставувало силен удар за една од најголемите светски технолошки компании. Од „Гугл“ ќе се бара да преземе и одредени мерки во врска со вештачката интелигенција и својот оперативен систем Андроид (Android). Потсетуваме дека американскиот судија Амит Мехта во август пресуди дека „Гугл“ го прекршил антимонополскиот закон, трошејќи милијарди долари за да создаде нелегален монопол.
БЕРЗИ
Европа
Следува преглед на состојбата на глобалните пазари на капитал. Со фјучерсите на европските индекси се тргува мешано, пред објавувањето на податоците за инфлацијата во еврозоната. Економистите на „Блумберг“ очекуваат дека потрошувачките цени во октомври пораснале за два процента на годишно ниво, што би претставувало забрзување во однос на 1,7 проценти од септември.
САД
Истовремено, со фјучерсите на американските индекси утрово се тргува во зелено, пред утрешното објавување на деловните резултати на „Енвидија“ (Nvidia), водечкиот американски производител на чипови. Откако оваа компанија од почетокот на годината речиси тројно ја зголеми пазарната вредност, очекувањата од најновите деловни резултати се разбирливо високи.
Истакнуваме и дека S&P 500 и Nasdaq вчерашното тргување го завршија со добивки. Истовремено, акциите на компанијата „Тесла“ (Tesla) пораснаа за речиси шест проценти, по веста дека транзицискиот тим на Трамп сака да ги ублажи прописите во областа на целосно автономни возила.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие тргуваат со добивки по примерот на Волстрит. Индексот MSCI зајакна за повеќе од еден процент на крилјата на растот на акциите во Јапонија, Австралија и Јужна Кореја.
НАФТА
Нафтата се стабилизира по најголемата добивка во повеќе од пет недели. Со брентот се тргува над 73 долари за барел по растот од 3,2 проценти во понеделникот, додека ВТИ (West Texas Intermediate) беше близу 69 долари. Доларот трет ден по ред е во загуба, правејќи ја стоката што се плаќа со оваа валута поевтина за повеќето купувачи.
Нафтата сè уште е на ниско ниво годинава, поради загриженоста околу кинеската побарувачка и обилната глобална понуда. Меѓународната агенција за енергија предвидува потенцијален суфицит од повеќе од еден милион барели дневно следната година, бидејќи кинеската побарувачка продолжува да опаѓа, а тој број би можел да биде уште поголем ако ОПЕК+ одлучи да го заживее производството.