ПОЛИТИКА
Нова фаза на војната во Украина?
Руската војна против Украина влезе во нова опасна фаза, откако украинските сили за првпат употребија американски ракети со долг дострел за напад на воена база во Русија. Москва, по тоа, го намали прагот за користење нуклеарно оружје. Потсетуваме дека претседателот на САД во заминување, Џо Бајден, претходно ѝ дозволи на Украина да гаѓа цели внатре во руската територија со американски ракети со поголем дострел. Таквиот развој на ситуацијата предизвика инвеститорите да побараат засолниште во сигурни средства. Така, приносот на десетгодишните германски државни обврзници падна дури за 11 базични поени, додека на пазарот на валути, јапонскиот јен и швајцарскиот франк регистрираа раст на вредноста.
Инаку, Украина со месеци напаѓа со домашни беспилотни летала, но американското оружје е подеструктивно. Земјата во вторникот распореди ракети ATACMS за гаѓање воен објект во западниот регион Брјанск. Во меѓувреме, Путин потпиша указ со кој ѝ се дозволува на Русија да користи нуклеарно оружје како одговор на масовен напад на нејзината територија, вклучувајќи и со беспилотни летала.
Лавров: Русија не сака нуклеарна војна
Сепак, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се обиде да ги смири грижите во врска со нуклеарната ескалација, но истовремено директно го обвини Западот за ескалација на конфликтот.
Зеленски повика Западот да му помогне на Киев
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеопорака емитувана на седницата на Европскиот парламент ги повика сојузниците дополнително да ѝ помогнат на Украина во одбраната од Русија.
Несогласување на лидерите на Г20 околу Украина
Украинскиот напад со американски ракети доминираше и во разговорите на самитот Г20 во Бразил, каде што беше очигледно несогласувањето на лидерите околу ситуацијата во Украина. Имено, земјите членки на Г20 усвоија декларација во која се избегнува осудата на Русија, но се повикува на воспоставување праведен мир и се истакнуваат човечките страдања и негативните последици од војната врз глобалната економија.
Потсетуваме, годинашниот самит се одржа во Рио де Жанеиро од 18 до 19 ноември. Иницијално - главната тема беше борбата против сиромаштијата, гладот и климатските промени во светот, иако дискусијата веќе првиот ден отиде во друг правец. Американскиот претседател во заминување присуствуваше на самитот за последен пат, а исто така беа присутни и индискиот премиер Нарендра Моди, кинескиот лидер Шји Џјинпинг, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, британскиот премиер Кир Стармер.
БИЗНИС
Трамп и Маск на лансирањето на Старшип
Компанијата „Спејс екс“ (SpaceX), на американскиот милијардер Илон Маск, го лансира шестиот пробен лет на вселенскиот брод Старшип од Тексас. На лансирањето присуствуваше новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, што во овој момент можеби не изненадува многу со оглед на блиските врски на двајцата лидери. Потсетуваме дека Маск доби и свое место во новата американска влада.
НАСА планира да го користи Старшип за испраќање луѓе на Месечината, во рамките на својата програма „Артемис“.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат претежно во црвено, бидејќи инвеститорите продолжуваат да го следат растот на геополитичките тензии во Украина. Откако украинските вооружени сили во вторникот за првпат употребија американски ракети за напад на воена база во Русија, инвеститорите веднаш се свртеа кон сигурни засолништа. И официјален Кремљ соопшти дека го задржува правото да употреби нуклеарно оружје ако се појави закана за рускиот суверенитет.
САД
Од друга страна, фјучерсите на американските индекси се тргуваат претежно во зелено, пред објавувањето на деловните резултати на „Енвидија“ - водечкиот американски производител на чипови. Инвеститорите сакаат да видат дали највредната компанија во светот продолжила да бележи неверојатни резултати, на крилата на развојот на вештачката интелигенција. Така, акциите на овој производител на чипови во вторникот напредуваа за речиси пет проценти.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се тргуваат претежно со загуби: индексот MSCI падна за 0,5 проценти.
Нафтата без поголеми промени
Нафтата денеска е стабилна, бидејќи индустрискиот извештај, пред објавувањето на владините податоци, укажа на зголемување на резервите од сурова нафта во САД. Брентот се тргува близу 73 долари за барел, откако во вторникот тргувањето го затвори со нешто повисоки вредности, а ВТИ (WTI) е над 69 долари.
Американскиот институт за нафта извести дека резервите од сурова нафта минатата недела се зголемиле за 4,8 милиони барели, додека резервите од гориво се намалиле - според документот во кој имал увид „Блумберг“. Управата за енергетски информации (ЕИА) треба да ги објави своите податоци за резервите, преработката и побарувачката за гориво подоцна денеска.